Заев доби 20 дена: Без обезбедено мнозинство Пендаровски му даде мандат на лидерот на СДСМ

За мандатор за состав на Владата на Република Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ, кажа претседателот Стево Пендаровски од Вила Водно.

Без обезбедено парламентарно мнозинство, Зоран Заев стана мандатор и доби 20 дена за состав на новата Влада. Врз основа на известување дека преговарал за добивање 61 пратеник во Собранието, претседателот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот на лидерот на СДСМ. Заев најави дека сега продолжува со преговорите, изразувајќи надеж дека најмногу за 20 дена ќе успее да состави Влада.

-Токму тие 20 дена се нашиот мегдан да успееме да формираме Влада, а со тоа да обезбедиме и парламентарно мнозинство најмалку од 61 пратеник. Секако за стабилна Влада тоа значи секоја бројка повеќе, која што ќе поддржи програма кадри, кандидати, би била сериозна голема гаранција за стабилна Влада од четири години, изјави Заев.

Како што веќе објави Алфа, неофицијално СДСМ и ДУИ биле блиску до договор за на Влада, според кој првата година премиерската позиција ќе ја добие Насер Зибери, а наредните три Зоран Заев. Лидерот на СДСМ од Вила Водно порача дека се подготвува премиер да биде четири години, но сепак се ќе зависело од преговорите. Заев не сакаше да одговори на прашањето на Алфа, дали сепак би прифатил Албанец премиер во правата година од Владата.

-(Во јавноста има шпекулации дека ДУИ бараат премиер Албанец во првата година од Владата. Дали сте спремни да прифатите вакво барање?) Јас реков за деталите од преговорите не би коментирал, за да дадам шанса да успее преговарачкиот процес. Не би сакал да дадам денеска коментар директно за ваквото прашање. Сакам да дадам шанса да преговараме до крај за да го изнајдеме решението. Веднаш штом ќе изнајдеме решение за сите прашања кои не се затворени, а се обврска пред граѓаните, пред Уставот, пред Парламентот, но и се обврска на следна Влада, веднаш ќе бидат соопштени за вас медиумите и преку вас до граѓаните, изјави Заев.

На денот кога го доби мандатот, Заев најави дека ќе има нова средба со Ахмети, на која ќе се обиде да ги доближи ставовите околу составување на новата Влада

Матеја Петровски

Advertisements