Водителката и несуден конзул лани заработила 12 илјади евра буџетски средства

ПР на општините Чаир и Петровец, ангажман во општина Брвеница и Сарај, но и во Државното правобранителство. Само од таму не добивме одговор за што и давале месечен надомест на несудената конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи. Чаир и Петровец и плаќале услуги за ПР, слични задачи имала и во Сарај а од општина Брвеница и дале 20.000 денари со договор во кој нема јасно наведено за каква услуга. Единствено од Државното правобранителство засега молк.

За нецела година на сметката на Ејупи и легнале околу 12 илјади евра преку 39 трансакции. Неделникот „Фокус“ дошле до овие податоците од базата „Отворени финансии“, каде Ејупи во периодот 2021-2022 година фигурира како примател на средства од 5 буџетски органи под ставка која означува т.н. „други договорни услуги“.

Алфа доби одговори од четитрите општини Чаир,Сарај, Петровец и Брвеница.

Од Петровец потврдуваат нејзин ангажман од Април до Октомври лани за услуги во делот на комуникациите, согласно законот за јазици.  

Ве известуваме дека се работи за ангажман кој бил остварен во периодот Април 2021 – Октомври 2021.   Ангажираното лице, давало услуги од областа на комуникација со медиуми за работата на Нашата општина, а сето тоа почитувајќи ги одредбите од Законот за употреба на јазиците. Ангажираното лице ги извршувало работите навремено и ефикасно велат од о. Петровец.

Од Чаир исто така потврдија за нејзиниот ангажман како лице за односи со јавност за кој велат дека престанал минатито месец.  

Почитувани ве информираме дека лицето Бесмира Ејупи во нашата општина беше ангажирана како ПР, но нејзиниот ангажман кај нас престанал во јануари 2022 година велат од Чаир.

Во Сарај, Ејупи била ангажирана за организација на работните средби и прес-конференциите на градоначалникот.

Лицето Бесмира Ејупи во период од 10 месеци беше ангажирана во Општина Сарај за Организирање на работи кои се надлежност на градоначалникот на Општина Сарај – протокол работни средби, прес конференции и друго.. како што му беа определени работните задачи врз основа на склучениот договор стои во одговорот од о.Сарај.

Најекстензивни во одговорот беа од општина Брвеница кои потврдија се, па дури и сумата од 20.000 денари. Но сегашната локална власт не знае или нема точни податоци за што точно била ангажирана Ејупи од страна на претходниот градоначалник. 

Во архивата на општина Брвеница постои договор за вршење на работи за 2021 година со лице Бесмира Ејупи кој во воведот се повикува на член 83,84, и 85 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и член 18 став 3 од Одлуката за условите, критериумите, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош, додека во член 1 и 2 во договорот стои: 

За потребите на општината договорувачите се договорија за потребите на Општина Брвеница. За вршење на работите од член 1 на овој договор, на изведувачот на работите ќе му се исплати надоместок во исплати од вкупно од 20.000,00 денари. Исплатата ќе се изврши по доставување на договорот.

Договорот е склучен на 15.04.2021 година, додека исплатата е извршена на 21.04.2021 година – велат за Алфа од Општина Брвеница.

Најголемиот број трансакции Ејупи ги примила од Државното правобранителство односно 4 илјади евра, во 11 наврати од по околу 25 илајди денари. По тоа следуваат општина Чаир со исплата од 1500 евра во идентичен број трансакции, па општина Сарај, по што следува 5 месечни трансакции од општина Петровец и една трансакција од општина Брвеница.

За случајот се огласи и Антикорупциска која отвори предмет по допрен глас и ќе ги чешла сите институции кои случиле договор со Ејупи. Инаку, тв  презентерката се кандидирала и за член во Комисијата за антидискриминација, што не и успеало. Но затоа станала член на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура. Пошироката јавност за нејзе слушна неодамна кога се објави вест за наводен предлог таа да замине како конузл во Њујорк.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста