Неподвижно лице изгоре во пожар во скопски Аеродром

Неподвижно лице изгоре во пожар во скопски Аеродром

Едно лице загина во пожар што утрината избувнал во стан во скопската општина Аеродром, потврдија од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) Скопје и од Министерството за внатрешни работи.

Телото на починатото лице, според БППЗ Скопје, било пронајдено при расчистувањето на опожарениот стан од страна на пожарникарите.

Инаку, дојавата за пожарот во БППЗ Скопје стигнала утрово во 6:33 часот, по што било интервенирано со седум противпожарни возила и 15 пожарникари.

При интервенцијата, пожарникарите успеале да спречат огнот да се прошири и да ги зафати горните катови од зградата на улицата „Пандил Шишков“ во Аеродром.

Дека во пожарот е пронајдено едно безживотно тело потврдија и од МВР.

„Утрово (11.01.2024) околу 6.40 часот во СВР Скопје е добиена пријава за пожар во стан во зграда на ул. ’Пандил Шишков’ во Скопје. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а во станот е пронајден починат Г. Б. (76). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.

На терен, како што претходно утрово информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), излегле и екипи на Итната медицинска помош.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста