„ВО ФОКУС“- Плодови на седум години СДСМ и ДУИ: Прифатен Француски предлог контра волјата на Македонците!

„ВО ФОКУС“- Плодови на седум години СДСМ и ДУИ: Прифатен Француски предлог контра волјата на Македонците!

Славенички со високо кренати раце Димитар Ковачевски под покровителство на Бујар Османи прифати мачка во вреќа и наместо да го забрза европскиот пат на Македонија, уште толку го закомплицира. Македонската Влада го прифати францускиот предлог, со кој бугарските станаа и услови на Европската Унија. Тоа е еден од плодовите на седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ.

Инаку, Ковачевски прифати нешто што првично барем декларативно го одби, односно пред камери одлучно кажа „не“ среде Брисел.

-Предлогот во ваква форма каква што е во моментов е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија, изјави Ковачевски на 23 јуни 2022-ра. 

Цврстиот став на Ковачевски се скрши за само седум дена. На први јули 2022-ра дојде нов, но во суштина тој беше истиот стар предлог. Ковачевски сега отиде контра граѓаните експертите, опозицијата и тврдеше дека ова било добро решение за Македонија и почна да го турка по секоја цена, во што на крај и успеа.

-Од овде и од денес па натаму одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство, во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик, кажа Ковачевски на први јули 2022-ра.

Барем пред камери и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски првично беше против овој предлог.

Јасна е намерата, сакаат да се вратат на нивната стара теза која е срамна и невтемелена ни во науката, ни во фактите од историјата, дека овде по 45-та е направена системска дебугаризација, изјави Пендаровски на 21-ви јуни 2022-ра.

Сепак слично како и Ковачевски, по кусо време и Пендаровски го промени ставот.

-Па јас ги работев сите тие документи, заедно со многу други. Францускиот предлог на крај со Макрон, на тие две три точки директно го работев, изјави Пендаровски на 30-ти јули 2022-ра.

Тоа беше причина граѓаните масовно да излезат на улиците и под паролата „Ултиматум НЕ благодарам“ да го искажат гневот против она што го прифатија Ковачевски и Османи.

-Ние сме Македонци треба да останеме Македонци.

-Ова е срамота, ова е тажно и ова се гревови, што допрва ќе ги плаќаат сите заедно.

-Не треба да го прифати предлогот. Капитулација дефинитивно.

Покрај граѓаните на улица, внатре во Собранието пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротиставуваа на Францускиот предлог.

Сепак, власта остана глува и со аплаузи и прегратки, на 16-ти јули 2022-ра пратениците од владејачкото мнозинство си ги изгласаат условите на Бугарија, кои со тоа станаа и услови на ЕУ, на европскиот пат на Македонија.

Наредниот ден, Бујар Османи експресно замина во Софија и на 17-ти јули пред две години со поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија го потпишаа Францускиот предлог. По што Теодора Генчовска ни порача дека тие не го признаваат македонскиот јазик и дека тоа ќе биде забележано во сите документи во преговарачкиот процес за Македонија.

-Целосно ја почитуваме одлуката на Народното Собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик, изјави Генчовска на 17-ти јули 2022-ра.

Покрај самиот Француски предлог, Македонија прифати и два протоколи, сите по вкус на Бугарија, на штета на Македонија. Таму политичарите се договорија дека историчарите треба да преговараат за Гоце Делчев и целото Илинденско востание, знаејќи ги ставовите на Бугарите по ова прашање, односно дека нашиот најголем револуционер според нив бил Бугарин.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста