„Во фокус“: Целиот случај за 27 април стана обична фарса со амнестијата на пратениците кои ги отворија вратите од Собранието

Со самата амнестијата на пратениците кои ги отворија вратите од Собранието, целиот случај за 27 април стана една обична фарса, смета адвокатот Еленко Миланов. Тој за Алфа вели дека самото дејствие на отворање на вратите довело до делото, односно дека доколку истите не биле отворени воопшто немало да има никакво дело, немало да има никаков влез во Собранието.

-Сметам дека посебно овој предмет и оваа правна квалификација станаа фарса во моментот кога едното или двете лица кои што ја отворија вратата на Собранието беа амнестирани. Доколку таа врата не беше отворена овие луѓе и сите кои што беа на овој протест можеше да протестираат со денови, но никогаш не можеше да влезат во Собранието. После нивното амнестирање предметот апсолутно го губи целиот свој смисол, изјави Миланов.

Миланов не го оправдува влезот во Собранието, но вели ни под разно како дело не смеело да биде терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое осудените добија драконски затворски казни. Прашува и зошто истата квалификација не била за нападот на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов за време на Шарената револуција.

-Зошто терористичко загрозување на уставниот поредок не беше нападот на институцијата претседател, туку таму се одеше со сосема друга правна квалификација. Ако нешто можеше да биде тоа можеше да биде насилство за сите оние кои преземаа реални најсилни дејствија во тоа Собрание, како што голем дел од луѓето во стартот и беа осудени за таа правна квалификација, можеше да има учество во толпа, изјави Миланов

Во пресудата за влезот во Собранието, како и за онаа за организаторите, како образложение беа земени неколку различни искази на Александар Василевски Нинџа, кој на крајот ја доби една од најниските казни. Според Миланов тој како обвинет имал право да лаже, па се поставува прашањето дали може да се даде верба на неговите искажани зборови .

-Тој има три различни искази, на што ќе верувате дури и да е така, на кој исказ од Нинџа ќе верувате. А ако го земете на крај исказот кој што го даде во вториот предмет, кој што е исто така четврт исказ по својата содржина, тогаш сметам дека станува збор за исказ дали на сведок во вториот предмет, дали на обвинет во првиот предмет на кој што апсолутно не може да се поклони верба и на таков исказ да се даде осуда на сите други, изјави Миланов.

Осудените за настаните во Собранието сега правда чекаат од Врховниот суд. Миланов порачува дека време е да се тргнат политичките стеги од судството и одлуките да бидат носени врз основа на законите.

-Сметам дека е крајно да конечно судството се одважи, да судството реално стане независно, самостојно и да почне да одлучува врз основа на законот и врз основа на она што го има како аргументи и докази во списите на еден предмет, а не да се раководи од било какви политички притисоци, волји за да ја донесува својата одлука, изјави Миланов.

Првичната пресуда од вкупно 211 години затвор за влезот во Собранието, Апелација ја намали за година или две кај сите, но одбраната порачува дека тие не бараат намалување на казните, туку ослободителна пресуда за делото кое е ставено на товар на 17-те осудени.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста