„Насанкана“ македонска дипломатија: Во 2017-та се беше готово и договорено со Бугарија, во 2022 година готово е само новото вето

2017-та, е годината, во која со потпишувањето на договорот со Бугарија беа затворени сите прашања со источниот сосед, барем според тогашниот премиер Зоран Заев. Договорот според него беше и пример за сите во регионот, договор кој ќе и донесе светла европска иднина на Македонија.

-Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред. Заедно, го поставивме минатото како темел на иднината и со тоа отворивме пат за стабилност и развој за двете држави и за балканскиот регион. Затворивме прашање со кое недвосмислено го трасиравме патот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Овој договор е взаемен успех, но и взаемен придонес кон политичка стабилизација и во државите и на регионот на којшто припаѓаме. Oвој успех нека биде идеја, пример, модел за соработка за регионот и пошироко, изјави Заев.

Пет години подоцна реалноста е сосем друга, и покрај големиот број отстапки кои Македонија ги направи, толку посакуваниот датум за старт на преговори со Европската Унија го нема токму поради Бугарија, а нема да го има ниту ова лето. Сега барањето на источниот сосед е Бугарите во Уставот да влезат како уставотворен народ.

-Реално, до крајот на француското претседателство со Советот на Европа, се сомневам дека моите колеги од Македонија ќе можат да го отворат Уставот и да го завршат овој процес, изјави Теодора Генчовска, министерката за надворешни на Бугарија.

Бугарските барања од година во година, од ден во ден стануваат се поголеми, по се изгледа бадијала сите отстапки кои беа досега направени. Дури и еден од најголемите македонски историски херои Гоце Делчев, покрај македонски за Заев стана и бугарски народен херој.

-На територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци, кои зборувале македонски јазик, но живееле Бугари кои збореле бугарски јазик. Живееле луѓе кои што се чувствувале во исто време и Бугари и Македонци. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

Бадијала добивме и заедничка историја.

-Ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, ние имаме заедничка историја. И тоа е заедничка, и таа историја, од неа се создале и македонскиот и бугарскиот народ, и македонскиот јазик и бугарскиот народ. Можеби нешто превагнува да биде повеќе македонско, некаде превагнува да биде повеќе бугарско, ама ако бидеме паметни ќе го ставиме да заедничко, изјави во минатото Заев.

А бадијала променивме и историски факти. За екс премиерот бугарскиот фашистичски окупатор стана администратор, а не фашист.

-Ние веќе во државата имаме преку 20 табли во државата сменето, каде што стои бугарски фашистички окупатор. Тоа не е така, Бугарија не е фашизам, Бугарија е нашиот пријател. Имало некој пат некоја администрација во тој момент на почетокот, после тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, изјави Заев. 

Преговорите со Бугарија повторно запнуваат, сега министерот за надворешни работи Бујар Османи откри дека постоел нов нон- пејпер за решавање на спорот со исторчниот сосед, но од таму повторно пристигна нов студен туш, за нив овој предлог кој македонските власти го кријат не е прифатлив.

Матеја Петровски

Advertisements