МВР и МНР молчат, проговори само Пендаровски, ќе реагира ли некој од Владата за говорот на омраза од културниот центар „Ванчо Михајлов“?!

МВР и МНР молчат за последните последните провокации и говор на омраза испратени од бугарска страна. Нема одговор на прашањата на Алфа дали ќе има некаква рекација, а уште помалку некаков официјален став за соопштението на викендов отворениот бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“? Во своето прво официјално соопштение од Културниот центар велат дека Македонија била создадена од Јосип Броз Тито, а била бугарска окупирана територија. Потенцирајќи и дека неизбежно било враќањето на бугарскиот идентитет во македонските градови.

ТЕЛОП КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВАНЧО МИХАЈЛОВ: Несомнено, денес, како и Путин, кој жртвите на неговата криминална агресија ги прогласува за „фашисти“, и сè уште живите делови од југословенската сатрапија во нашата Македонија го дефинираат како фашизам неизбежното враќање на бугарскиот идентитет во Битола, Охрид, Велес, Штип… во сета наша напатена Македонија. Оваа коинциденција не е ниту случајна ниту изненадувачка. Тие се браќа по оружје и браќа за криминал. Како што Путин ги создаде Доњецката Народна Република и Луганската Народна Република во окупираниот Донбас, така и Тито ја создаде Македонската Народна Република во нашата окупирана татковина, се вели во соопштението од бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“.

Велат целта со скандализирањето на овој настан била засенување на фактите за Бугарите во Македонија, потенцирајќи дека бројките од пописот биле лажни и дека бројот на Бугари бил многу поголем во државава.

-Целта на скандалот беше да се засени фактот дека стотици македонски Бугари дојдоа да ја видат бугарската делегација и особено официјално да го отворат клубот кој со гордост го носи името на легендарниот водач на вистинската историска ВМРО – ИВАН МИХАЈЛОВ, наследникот на Гоце, Даме и на Тодор Александров. Но, ништо не успеа да го исплаши мнозинството македонски патриоти, кои дојдоа да покажат дека и покрај манипулацијата со пописот, и покрај лажните податоци од него, ние сме многу. И ние не се плашиме, се вели во соопштението.

Како и многу пати досега македонската Влада повторно не реагира на бугарските провокации. Но, сега барем реагираше кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Од таму велат дека во Битола бил направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави.

ТЕЛОП КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока, реагираа од кабинетот на претседателот на државата.

Останува прашање дали Бугарија ќе врати реципрочно со отворање на македонски културен центар кај источниот сосед, но такво нешто е тешко да се очекува, со оглед на фактот дека Бугарите не признаваат дека постои македонско малцинство кај нив.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста