Во ЕУ официјално започна вакцинацијата, Европол предупредува на опасноста од лажни вакцини

Софија, Атина, Загреб, Рим, Хелсинки –  во ист ден стартува имунизацијата против Ковид 19 во сите земји членки од ЕУ.Обезбедени се доволни количини на вакцината, односно за популација од околу 450 милиолни луѓе. Во Германија 101-годишна пензионерка беше првата Германка која ја прими вакцината. Бугарија ја започна имунизацијата – прв се вакцинираше министерот за здравство Костадин Ангелов.

“Спасот што го очекуваме дојде. Едвај чекам да го видам мојот 70-годишен татко без да се грижам дека ќе го заразам со коронавирус. Ние веруваме дека со почетокот на вакцинацијата, ќе ја надминеме оваа глобална пандемија и ќе се вратиме во нормалниот начин на живот“ –  рече министерот за здравство на Бугарија, проф. Костадин Ангелов.

Првите дози во Бугарија се испорачаа во Пловдив и Бургас. А приоритет за имунизација се постарите лица и медицинскиот персонал. Бугарската јавност жесоко реагира на начинот на транспортот на антиковид вакцините. Се дистрибуираат во комбиња за виршли и колбаси. Од дистрибутивната компанија “Бела Бугарија” велат дека се било по сите европски стандарди.

Со насмевка на лицето и подигнат палец на раката, во знак дека сѐ е во ред, медицинска сестра беше првата вакцинирана Гркинка.

Бугарија најави дека дел од вакцините ќе ги донира на Македонија, но се уште не се знае која количина. Земјава очекува помош и од Грција. А кога вакцината ќе стигне кај нас, владата не може со сигурност да каже.

Како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители, еднакво ќе бидат дистрибуирани кон сите земји што аплицирале на ковакс системот како оние од Европа и од регионот. Во однос на вакцините кои треба да пристигнат од Бугарија, со оглед дека станува збор за донација, треба да биде издвоена одредена количина од онаа што оваа држава ќе ја добие. Во моментот кога вакцината ќе биде дистрибуирана до нив, ќе биде и до нас и за оваа доза вакцини државата нема да плати, – рече Душки Арсовски.

Од регионот Србија прва ги доби вакцините на Фајзер во 5. 000 дози и таму во тек е вакцинација на приоритетните групи.

И додека светот се имунизира, од Европол предупредуваат на опасноста од потенцијални лажни вакцини против Ковид-19.Од таму наведуваат дека се забележани „конкретни знаци на валкана игра, како што е понуда на лажни вакцини на социјалните мрежи“, поради што апелираат на внимателност.

И Интерпол на почетокот од месецот исто така објави предупредување дека организирани криминални групи можно е да се обидат да продадат лажни вакцини, како и да украдат од резервите вакцини против Ковид-19.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста