ВМРО ДПМНЕ и Левица со амандмани го блокираат Законот за здравствена заштита

Со над 1200 амандмани, опозицијата ќе ги кочи измените на Законот за здравствена заштита кој според опозицијата предвидува приватизација на Итната медицинска помош и трансплантацијата на човечки органи. Амандманите на денешната комисиска расправа ги поднесоа пратениците на Левица, кои законот го нарекоа штетен и бараат итно да се повлече. Од ВМРО ДПМНЕ пред стартот на собраниската расправа алармираа дека приватизацијата на овие дејности е на директна штета на граѓаните, а со единствана цел да обезбеди профит за поединци кои единствено ги интересира бизнисот, а не здравјето на населението.

„Откако здравствената фела остро се спротистави на овие измени, беше најавено повлекување на законот, но денес гледаме дека сето тоа било само обичен блеф и дека власта се обидува закнот да го истурка на мала врата. приватизацијата на овие дејности посебно на брзата помош ќе создаде сериозни проблеми во урнисаниот здравствен систем и квалитетот на здравствените услуги кои и онака едвај функционираат поради пандемијата која не зафати“, рече на прес конференција пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Синиша Стојаноски.
И од Левица обвнуваат оти целта на донесување на овој закон е да се задоволат бизнис интересите на луѓе блиски до Власта.

„Сметаме дека ова се последните обиди на власта во заминување, да задоволи апетити на две големи приватни компании. Едната е приватна болница чијшто директор учествуваше во кампањата за промена на името и веројатно дојде времето за наплата, а другата е една агенција за обезбедување која се обидува да влезе на овој пазар, поврзана со роднини на премиерот“, рече пратеникот на Левица, Димитар Апасиев.

Од Министерството за здравство пак за Алфа кусо одговорија оти предлог измените на Законот не значеле оти службата за Итна медицинска помош ќе се трансформира во јавно приватно партнерство.

Идејата за јавно приватно партнерство за Бразата помош се споменуваше уште во 2018 година. Тогаш беше изработена и физибилити студија вредна 100.000 денари. Под притисок на јавноста, министерот за здравство Венко Филипче рече оти овој проект ќе се одложи за во иднина.

Сега Предлог – измените на Законот за здравствена заштита во Собранието влегуваат по скратена постапка. Надлежните од здравство пак минатата недела рекоа оти измените на Законот кои се однесуваат на трансплантацијата за лекување ќе биле повлечени со амандман, што не се случи.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста