Двојните аршини за К-15 во администрацијата ги крена на нозе синдикатите

Ќе се договорат да се договорат. Министерката за труд и социјала тврди дека сепак постои можност и вработените во јавниот сектор да добијат К-15 и следната година.

Кога беше протестот, на средба со претставници во Владата е начелно договорени, после новогодишните празници да седнат во владата и да разговараат. Свесни сме како влада дека најголемиот капитал е човечкиот капитал. Ако говориме за пазарот на трудот, секако дека работниците, независно дали се вработени во приватен сектор, се важни. Се може да се постигне преку договор – вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Сепак, како би се извело ова е нејасно со оглед на тоа што министерот за финансии веќе кажа дека во буџетот за следната година нема пари за оваа намена.

Оттука, за претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации, овие изјави на министерката се празни.

Ние сме спремни за разговор ама со празни разговори нема да се задоволиме – ќе бараме потпис дека сите работници со ребаланс на буџетот ќе земат К-15 – изјави претседателот на КСОМ Марјан Ристески.

Синдикатите реагираат дека не смее да се прави дискриминација меѓу работниците – како може регресот за годишен одмор да биде задолжителен во приватниот но не и во јавнито сектор?

Ние сме веќе во една економска криза, најавуваат енергетска криза, а така ќе се зголемат и останатите трошоци, овие барања на ССМ треба да се исполнат. Зголемување на минималната плата, недела неработен ден, да не се прави дискриминација на приватниот и јавниот сектор – регрес мора да има за сите. Постојано ги испраќаме нашите барања, и ја потсетуваме дека тие треба да се исполнат – вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Според закон сите вработени во приватниот сектор заклучно со 31 декември мора да добијат регрес за годишен одмор кој оваа година изнесува речиси 11.500 денари. Во јавниот сектор ова важи само за вработените кои спаѓаат по синдикатот УПОЗ односно кои работат во управата и правосудните органи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста