Поскапувањето се поизвесно: „ЕСМ“ понуди струја, за 13,6% повисока од сегашната

„Електрани на Македонија“, компанија за производство на струја, конечно испрати понуда на тендерот на „ЕВН Хоум“. За домаќинствата државната „ЕСМ“ струјата ќе ја продава по 41 евра за мегават-час, што е за 13,6% повеќе од сегашната цена, велат од „ЕВН хоум“ по завршениот тендер.

  • „А.Д. „ЕСМ“ како најповолен понудувач ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците кои се снабдувани од страна на Универзалниот снабдувач за првата половина од 2022 година. Добиената купопродажна цена е за 13,6% повисока од претходната, која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач, велат од „ЕВН Хоум“.

Инаку, цената на струјата од „ЕСМ“ учествува во крајната цена со над 40%. Во формирањето на конечната цена влегуваат и трошоците на Електродистрибуција, фирма-ќерка на „ЕВН Македонија“, потоа на Нациоалниот оператор на пазарот на струја, на „МЕПСО“, како и цената на струјата од обновливи извори на енергија.

Според планот за производство, сите 100% „ЕСМ“ ќе ги обезбеди од домашните електрани, што значи дека нема да увезува.

Неофицијално, веќе е договорено укинување на дневната евтина тарифа на струјата, додека ноќната и во неделите останува.

Во меѓувреме цената на електричната енергија на светските берза деновиве забележа пад и се продаваше за околу 230 евра за мегават час. Пред една недела просечната цена достигна над 400 евра за мегават час, а во еден момент еден мегават чинеше и над 1.000 евра.

За колку точно ќе поскапи струјата, последниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика во наредните две недели, која треба да ги пресмета загубите на енергетските компании.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста