Влезот на граѓаните со бугарска самосвест во Уставот – услов за симнување на ветото на Софија

Вметнувањето на македонските Бугари во Уставот станува услов за кревање на бугарското вето – премиерот Димитар Ковачевски во Минхен се испазарил со бугарските колеги дека не само што уставно ќе ги заштити Македонците со бугарска самосвест, туку и заедно со Бугарија преку допис ќе ја информираат ЕК дека Македонија се обврзала да го смени Уставот и во него да ги впише македонските Бугари, открива бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за Еурактив.

-Планираме да одиме во Европскат Комисија со заеднички предлог. Го потпираме на Копенхагеншките критериуми, врз принципот на правна заштита на луѓето од наше потекло. Мислам дека ако Брисел на овој проблем гледа како можност да се забрза преговарачкиот процес, тоа може да биде искористено подоцна и за други држави членки на Балканот, изјави Петков во интервју со новинарот Георги Готев од Еурактив.

Дека власта предводена од Ковачевски е подготвена на ваков чекор потврдуваа и нивните изјави во последните три месеци , според кои за македонската влада нема ништо спорно македонските Бугари да станат рамноправни граѓани како и Македонците и да ги добијат сите права.

Опозицијата веќе алармираше дека се крои вакво сценарио. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски најави дека има информации оти во игра на преговарачката маса со Бугарија не е ставено само вметнувањето на македонските Бугари во Македонија, туку и културата, јазикот и историјата.

Изјава Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ

И додека власта без никаков проблем прави отстапки во духот на добрососедските односи, воопшто не размислува за реципроцитет од бугарска страна , односно Бугарија да го признае македонското малцинство таму. Напротив целосно се откажа од Македонците во Бугарија и ги препрати своите права наместо во матичната држава да си ги бараат по судовите за човекови права.

Засега е нејасно како власта ќе го реализира она што и го ветила на Бугарија, со оглед на тоа дека за промена на македонскиот Устав е потребно двотретинско мнозинство, кое го нема во Парламентот.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста