Власта во паника не го пушта Заев да замине- кои се вистинските причини?!

Договорена тактика или нешто друго? Официјално европската иднина и стравот од предвремени парламентарни избори, ја започна мисијата за разубедување на Заев да поднесе оставка, како од премиерската, така и од челната позиција во СДСМ. Премиерот се уште својата оставка ја нема пратено до Собранието, а откако од ДУИ стигна директна порака дека се против негово повлекување, започна и внатрепартиска иницијатива во СДСМ. Пратеникот Мартин Костовски стартуваше со собирање потписи во Куманово, за останување на Заев на челната позиција во партијата.

-Јас Мартин Костовски претседател на ОО СДСМ-Куманово, од денеска покренувам иницијатива кај сите социјалдемократи во државата за поддршка на претседателот Зоран Заев. Недвосмислена и безрезервна поддршка да остане на лидерската позиција во СДСМ, порача Костовски.

Најавата за оставка од Заев, не ја прифати баш најубаво Али Ахмети. Тој кажа дека имал жестоки телефонски разговори на оваа тема и го убедувал премиерот да остане на својата функција.

-Така да и денеска повторно разговарав со Заев, му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Да се разгледа во неговата партија оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована, порача Ахмети.

Коалиционите партнери на средбата констатирале дека секој непромислен потег може да доведе до предвремени парламентарни избори, кој никој не ги сакал. А тоа е секако очекувано, ако се знае дека покрај СДСМ, вториот круг не мина најдобро ниту за ДУИ, кој го изгубија т.н. главен град на Албанците во Македонија, Тетово. Поранешниот функционер Џевдет Хајредини, смета дека Ахмети се плаши од заминувањето на Заев, бидејќи премиерот сокрил прислушувани разговори за криминали сторени од страна на ДУИ.

-Заев скапо го плати тоа што не ги објави сите “бомби” на ДУИ, со цел да ги спаси од гонење за кривичните дела врзани и кои произлегуваат од тајните  прислушувања од ДБК. Затоа  Али толку многу се плаши од неговата оставка, изјави Хајредини.

Иако партиите од власта не сакаат да слушнат за предвремени парламентарни избори, по резултатите во неделата тие се реална опција. Токму тоа е барање и на опозицијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста