Ќе го промени ли Заев ставот: ДУИ и БЕСА го „молат“ да не дава оставка

Поднесувам оставка од премиер, порача вчера премиерот.

Овие четири збора на Зоран Заев, не му се допаднаа на Али Ахмети, биле избрзани. ДУИ не сака да прифати оставката на премиерот, ќе го убедувале да остане и да го води ова парламентарно мнозинство. Сепак, во убедувањето во просториите на Владата, не беше лидерот на интегративците, не можел да стигне, славел.

-Претседателот Ахмети кој што се задржа да прослави, да ја прослави големата победа заедно со печалбарите, изјави Ахмети.

Додека Ахмети слави, неговата порака на коалиционата координација ја пренесе првиот вицепремиер Артан Груби. Вели сите партии од власта се согласиле дека оставката на Заев била избрзана, па го повикаа премиерот уште еднаш да размисли.

-Сите партнери кои што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Зоран Заев. Затоа што сметаме дека е непотребна ова беа локални избори, не се парламентарни избори. Ние го добивме мандатот на 15-ти јули 2020-та година за да ја водиме оваа земја по евро-атлантскиот курс. Ние сметаме дека само оваа Влада може да го реши спорот со соседна Софија, изјави Груби.

Дека Заев бил убедуван да не дава оставка, потврди и Аријанит Хоџа од Беса. Порача дека секоја непромислена одлука можела да доведе до предвремени парламентарни избори, што никој од коалиција не ги сакал.

-Воопшто не навлеговме во темата на нов евентуален мандатар или нов состав на Влада, бидејќи бевме информирани од страна на премиерот Заев, дека тој останува на оставката, но наше барање е да има процес, простор, за колку време тоа би се извршило, бидејќи сме во многу деликатна ситуација политичка, изјави Хоџа.

По се изгледа, Заев сега ќе мора да размислува. Оставката стана збор, кој никој од коалиционите партнери, барем пред медиумите, не го посакува. Премиерот вчера порачувајќи дека се повлекува и од Илинденска и од Бихачка, кажа дека бил разочаран од одлуката на граѓаните.

-Сакам да споделам разочараност кај мене, а верувам и кај огромен број граѓани, затоа што мнозинството од народот кој гласеше заедно со сите тие што останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои пред 4 години само во парламентот пред очите на целата јавност сакаа и тргнаа да убиваат. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ, изјави Заев.

Пораката од граѓаните испратена на локалните избори, јасно покажува дека нови, сега парламентарни избори се и тоа како реална опција. Токму тоа е барањето на опозицијата.

-Ние имаме мнозинство гласови на народот, тоа е важно за нас, дека го имаме мнозинство гласови на народот, а за да има предвремени парламентарни избори, треба да има и мнозинство во Парламентот. Затоа реков трпение, не треба да го разочаруваме народот, бидејќи народот е изморен. Дозволете времето да одговори на многу дилеми, една од тие дилеми е кога се случат предвремените парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Најновите случувања сосем сигурно го ставаат премиерот на мисла. Но, доколку на крајот одлучи да остане на својот збор, отворено прашање е кој ќе биде неговата замена. Имиња со кои најмногу се шпекулира се неговата партиска заменичка Сања Лукаревска и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Дури има и шпекулации дека едниот ќе го добие шефовското место на Илинденска, а другиот на Бихачка. Но, постои и трета опција. Внатрепартиски извори за Алфа брифираат дека нов премиер може да биде и натпартиско име.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста