Како почина 16-годишното девојче од Ковид 19?! Надлежните пропаднаа во земја, каде се анализита за смртност?

Смртта на 16-годишното девојче од тетовското село Сиричино кое вчера поради компликации од Ковид 19 почина на Инфективната клиника, ја потресе јавноста, но отвори и старо нови дилеми – зошто надлежните година и половина од пандемијата се уште не излегоа со детали како и зошто Македонија се најде високо на непопуларната листа на земји со најголема смртност во Европа. Министерот за здравство Филипче во повеќе наврати најавуваше дека ќе се спроведе детална анализа за лекувањето и смртноста кај ковид пациентите. До денес јавноста не слушна никакво објаснување.

„Здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хринични болести, начинот на лекување, редовноста во земањето на терапијата, колку често се јавуваат на контролни прегледи. Тоа е навистина една многу детална, многу важна анализа“, рече кон крајот на септември министерот за здравство Венко Филипче.

Познавачите пак алармираат дека последиците од непопуларните мерки на Владата, кои наместо од здравјето на граѓаните се мотивирани од политиката, допрва ќе испливаат на површина. Професорот Дејан Трајковски анализира дека само десетина дена по одлуката за отворање на ноќните клубови, бројот на заразени помеѓу младите значително се зголемил.

„Само десет дена беа доволни за да го видиме ефектот на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните клубови и дискотеките. Уште поважно е што, според Министерството за здравство, најголем неделен прираст на бројот на случаи има кај младите помеѓу 20 и 29 години што е најјасен индикатор каде се случува главното заразување во моментов“, вели во својата анализа професорот од Битола, Дејан Трајковски.

Од друга страна, лекарите се погласно зборуваат дека причина за високата смртност во Македонија е отсуството на унифициран протокол за лекување на ковид позитивните пациенти.

„Вие имате наунифицираност во самите ковид центри, а не па на примарно здравствено ниво. Нас министерот за здравство, година ипол две не нема комуницирано воопшто. Ние немаме добиено ниту еден службен допис во кој што ќе ни се каже ова вака треба, ова така треба… Нас не комуницира само ФЗО да ни каже само како треба бирократски некоја работа да ја завршиме за да не бидеме казнети. Никој тука не мисли како тоа пациентите треба да го направат, како ни е нас овдека“, вели матичниот лекар Ненад Лазаров.

16-годишната тинејџерка која почина поради компликации од коронавирусот е најмладата жртва од пандемијата во земјава. Минатата недела битката со вирусот ја загуби и 17-годишна средношколка од Демирхисарско.

Македонија со 7150 починати и натаму е помеѓу првите три земји во Европа по бројот на смртност од корона вирусот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста