Власта ги остава на цедило странските инвеститори среде криза?!

Се фалат со милијарди евра странски инвестиции, а не ги слушаат проблемите на постоечките фирми кои работат во зоните. Странските инвеститори бараат итно решение за царините. Царинските стапки на 12 производи беа преполовени во период од 6 месеци, рок кој истекува заклучно со утрешниот ден. Од 1-ви јули тие се враќаат на старо и ќе бидат три пати поголеми од оние што важат во Европската унија. Ако во Унијата царинските стапки на 12-те производи се движат од нула до 3,7%, во земјава моментално се од 3.5% до 7.5%, а од јули ќе бидат помеѓу 10 и 15%.

Алфа дојде до дописот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство до техничкиот премиер и министрите за финансии и економија во кој се бара итен одговор што ќе се прави веќе од задутре за да можат да го планираат производството. Тие бараат израмнување на царините на ниво на оние во ЕУ.

„Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции во споредба со другите земји-членки на ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкуретни македонските производи. Во Македонија нема домашни компании кои произведуваат компоненти кои се вградуваат во производите кои натаму се извезуваат од Македонија и се увезуваат од земји-членки на ЕУ, но често и Кина, Јапонија и други земји од Далечниот Исток и при увоз од овие земји се плаќаат непотребно високи и нелогични царини“

Од Владата засега нема најава, ниту конкретен план дали ќе им се помогне на странските инвеститори или ќе ги направат дополнително неконкурентни.

Странските компании со технолошки напредно производство веќе алармираа дека се соочуваат со сериозни загуби поради коронакризата. Тие побараа грантови за големите извозни фирми, 6 месечен мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и продолжување на субвенциите за исплата на плати. Инвеститорите имаат приходи кои достигнуваат скоро 3 милијарди евра годишно и вработуваат 28 илјади луѓе.

Тања Попова
.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста