Власта демонстрира дрскост: Заев брише споменици, Шекеринска удри по ВМРО-ДПМНЕ- немале право да реагираат

Додека Заев го брише бугарскиот фашистички окупатор и на некој начин ја негира антифашистичката борба, Шекеринска вината ја бара во ВМРО-ДПМНЕ. Запрашана за интерпелацијата на Владата, министерката за одбрана реши да ја нападне опозицијата, дека немале право да говорат за антифашистичката борба. Ваквиот став доаѓа токму во моменти кога Владата во која таа е вицепремиер, ја брише и менува историјата, бришејќи го бугарскиот фашистички окупатор, кој е виновен за голем број македонски жртви, борци против фашизмот.

-Единствените кои немаат право да говорат многу за нашата антифашистичка борба е токму партијата која што изгради кариера, зборувајќи и работејќи против антифашизмот. Тоа се истите луѓе кои што уништуваа споменици од наши херои, истите луѓе кои го избркаа Сојузот на Борци на улица и истите тие луѓе кои се обидоа да фрлат идеолошка сенка на таа горда борба во нашата историја, изјави Шекеринска.

Како што е веќе познато, ставовите и потезите на Заев предизвикаа бура негативни реакции, не само кај опозицијата, туку и кај голем број од граѓаните, а меѓу нив и првиот претседател и основач на СДСМ, Бранко Црвенковски. Запрашана околу писмото, Шекеринска не сакаше да застане против својот политички ментор, но не го ни одбрани својот сегашен шеф Заев, правдајќи се дека не сакала од владина говорница да говори за партиски теми.

-Стојам на располагање секогаш да дадам партиски одговор, на прашање на партиска  тема. Но, сега кога настапувам како министер за одбрана во Владата на Република Северна Македонија, внимавам да не мешам партиската политика, со владината политика, изјави Шекеринска.

Шекеринска, која во минатото беше и лидер на партијата и важеше за човек од доверба на Црвенковски, е само уште еден дел од популарното скопско крило на СДСМ, која реши да не зборува против својот ментор. Голем број видни партиски членови, особено од главниот град веќе јавно застанаа зад ставот на поранешниот шеф на државата. Меѓу нив и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој не само што не застана во одбрана на Заев, туку изјави дека верувал во искрените намери и сугестии од Црвенковски.

-Многу е битно да знаеме што е цената што треба ние како општество да ја платиме. Сепак верувам дека се искрени намерите и како сугестии и како критики, добронамерни предлози, се со цел да се постигне едно единство, зборам како држава, не како партија за да имаме ај да кажам еден исчекор во оној еден процес, во кој што за жал сме биле долго време заглавени, изјави Богдановиќ.

Засега Заев го бранат само функционерите кои добија високи позиции во извршната власт токму од него, но речиси никој од нив од Скопје. Покрај скопското, дека не се согласува со Заев сигнали праќа и кумановското крило на партијата, односно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста