Масовни натпартиски протести за одбрана на идентитетот во седум градови – народот бара оставка од Заев

„Оставка на Заев – слобода на народот“. Оваа порака се испрати низ седум градови во Македонија. ВМРО ДПМНЕ и граѓаните со автомоболи му порачаа на премиерот Заев да престане да тргува со македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја.

Многу граѓани стануваат секој ден посвесни  дека со Заев нивниот живот станува  потежок. Животот во Македонија станува  потежок, понижувањата за Македонија за жал стануваат поголеми – изјави Антонијо Милошоски.

Не може да се заборави секоја една капка крв што паднала во Куманово за борбата против фашистите, против окупаторот – изјави потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ Владо Мисајловски.

Ова што се случува е оправдан револт. Македонија никогаш не била попонижена, Македонија никогаш не била поопљачкана, и затоа Македонија се буди – истакна Влатко Ѓорчев.

каква е таа администрација која брутално и крвнички погубила 18мина во масакарот кај Дабница, од кого биле убиени народните херои и други 650 жртви во НОБ. Дали според нив загинале залудно, борејќи се за своја држава? – прашува претседателот на ОК Прилеп на ВМРО – ДПМНЕ Дејан Проданоски.

Говорниците порачаа дека сакаат добри односи со соседите но не и свиткана кичма. Велат ова е натпартиски протест и како поединци не можеме ништо но затоа заедно можеме многу.

Ние сме наследниците  на оние кои не гледаа кој е ова или она, туку пукаа по тиранинот и гинеа еден за сите, сите за еден. Ние сме 5 прсти на една рака, сите заедно една силна макеоднска тупаница, симбол на непокор, на отпор, на гордост, на чест на достоинство, тоа е Македонија – изјави Рашела Мизрахи.

Ние нема да дозволиме да се гази врз жртвите и делото на нашите предци, на револуционерите, на илинденците, но и врз делото на партизаните, и хероите од антифашистичната борба и НОБ на Македонија – порача од Тетово, Александар Велјаноски.

Народот докажа дека става крај на националните понижувања и распродавањето на државните интереси – истакна од Охрид, Кирил Пецаков.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утре најави уште еден протест во Скопје. Ги повика сите кои чувствуваат срам поради изјавите на Заев и сите кои не сакаат да бидат соучесници во газењето по коските на народните херои. Во 12:30 часот протестниот марш со автомобили ќе започне од две локации – СЦ Јане Сандаски и СЦ Борис Трајковски – а ќе заврши пред Владата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста