Владејачкото мнозинство го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата – граѓаните и натаму ќе плаќаат скапо гориво

Граѓаните ќе плаќаат поскапо гориво бидејќи владејачкото мнозинство го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата за 50%. Овој предлог закон ќе предвидеше намалување на енергенсите за 9 и 13 денари.Сепак, Власта остана на своето – акцизата да се одредува согласно берзанските цени, па така горивата ќе поевтинат, но само за еден денар. Опозицијата критикува, дека антикризните мерки на власта се козметички и недоволни.

Според нашето законско решение за литар на нафта граѓаните ќе добиеја ослободување од девет денари, а за литар бензин ослободување по основ на давачки на акциза од 13 денари. Што е многу повеќе од тоа што власта го нуди како законско решение – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

СДСМ со поинаква реалност – се пофалија дека во регионот цените на горивата растеле, а во Македонија се намалувале.

Со усвоените измени и дополнувања на законите на ДДВ и за акцизата во Собранието намалени се цените на нафтените  деривати и горивата за транспорт. Благодарение на овие антикризни мерки, цената на горивата кај нас се намалува, додека насекаде во регионот таа расте. Бензинот БС-95 сега е намален за 6,5 денари, а дизелот за 9 денари – изјави Даниела Николова, пратеник од СДСМ.

Не само за акцизата, опозицијата подолго време инстистираше да се намали данокот на додадена вредност за увоз на нафтени деривати, од 18% на 5 проценти, и да се укинат царините за увоз на репроматеријали за прехранбената индустрија. Поголем дел од овие предлози ,сепак не се најдоа во владиниот пакет мерки.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста