Од „датум“ преку „датум за датум“ до „волја за датум“ – се било до перцепцијата

Се било до перцепцијата. Министерот за надворешни работи не го разбра она што го разбра целата македонска јавност преку пораката на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, дека можел да ни вети само волја, но не и датум. Според шефот на дипломатијата, Борел не бил човекот од кого требало да очекуваме ветување за Македонија конечно да стане дел од Европското семејство.

Борел со неговата посета на Скопје, како прва дестинација со цел да ја поздрави хармонизацијата на нашата надворешна политика со таа на Европската унија, беше исклучително важна, но од него не треба да се очекува да даде ветување. Ние имаме преземена обврска од 26 земји членки и имаме отворено прашање со Република Бугарија со која се обидуваме да го надминеме – изјави Османи.

За да почнат преговорите, сите земји членки треба да дадат зелено светло, а во моментов сме блокирани од Бугарија, дециден е Османи, кој според него, тука Борел не можел да помогне. За шефот на дипломатијата најважно било да не се газеле црвените линии – но дали овие изјави може да се земат здраво за готово не се знае, ако имаме предвид дека деновиве во јавноста се појавија и сомнежи за разногласие во Министерството за надворешни работи по однос на преговорите со Бугарија.

Македонија повеќе пати го славеше добивањето на датум за пристапни преговори со ЕУ, но никогаш не го доби. Уште во 2018 година, поранешниот премиер се фалеше дека почнува скрининг процесот за почеток на евроинтегративниот процес. Цврстите уверувања Заев ги користеше и во предизборните кампањи во 2019. Една година подоцна повторно најави дека почнуваме преговори без никакви пречки, за после сите оптимистички најави, да признае дека требало да го подготви македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција.

Во меѓувреме евроскептицизмот во земјава расте, бидејќи од европските челници веќе не добиваме ниту датум. А се поставува дилемата, како од сигурен датум во авионот, кога Заев, Османи и Димитров и соопштија на целата македонска јавност дека сме добиле датум, дојдовме, единствено до волја.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста