Владата по стари навики: Кампањата за придобивките од ЕУ ќе влезе во предизборниот период
Мереле, сечеле и кампањата за ЕУ, владата наштелува да ја пушти во етер предизборно. Се поверојатно е дека роковите кога ќе треба да се рекламираат предностите од членството во Европската Унија ќе се поклопат со предизборниот период, кога веќе ќе бидат распишани претседателските избори.
Илинденска уште во јануари годинава резервирала буџет кој ќе треба да го потроши за рекламни видеа и спотови за убавината на членството во ЕУ, и по еден пропаднат обид, сега на 6 месеци пред избори наоѓа фирма која ги исполнува условите.
Владиниот секретарјат договорот со „Вертиго НМЕ“ го склучува на 8 ноември а на 10 е објавен на сајтот за Јавни набавки.
И според потпишаното од договорните страни, кампањата треба да трае 45 дена откако фирмата би ги подготвила слоганот и логото. Колку време и се дава да ги изработи, не е наведено во договорот. Ако под претпоставка, дека тоа би биле 30 дена, кампањата би започнала некаде на средината на идниот месец, а би завршила неколку дена пред да почне изборната кампања за претседателските избори.
Државната комисија за спречување корупција има укажувано токму на ваквите ненамерно или намерно местења на датуми за кампањи финансирани од државната каса во предизборен период. Пред само две години, владата ја темпираше исплатата на парите од ТАВ програмата за инфраструктурни проекти за 36 општини точно пред локалните избори.
Во законите јасно се наведува дека какви било исплати од денот на распишување на изборите па се до нивно целосно завршување се строго забранети.
- „Во периодот од 20 дена пред почеток на изборна кампања, па до завршување на изборот на претседател и до завршување на изборите за избор на градоначалник, не може да се одржуваат јавни настани по повод почнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“.
Едно-месечната кампањата за предностите од членството во ЕУ, Македонија пред два месеци ја чинеше 80 илјади евра. „Ние сме Европа“ сега ќе се репризира тоа за нови 350 илјади евра.