Владата ќе ја разреши директорката на ДИЖС, Ана Петровска?

Наместо да ги награди директорите кои посветено работат во интерес на граѓаните, Власта ги казнува за да ги задоволи амбициите на коалициските партнери. По разрешувањето на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој беше сменет од функцијата откако одби да вработи 35 „рамковни“ административци, следна на тапет најверојатно ќе биде дикеторката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска. Како што пренесуваат дел од медиумите, се очекува на денешната владина седница да падне одлуката Петровска да биде тргната од челната функција во Инспекторатот по барање на матичната партија ДОМ. Петровска не ја отфрли можноста да биде разрешена, но сепак остави последната одлука да ја каже Владата.

„Ова е едно прашање за кое јас сега во овој момент не би сакала да коментирам бидејќи денеска Владата ќе одржи седница, доколку таква точка се стави на дневен ред веројатно тоа е тоа. Меѓутоа во овој момент пред Владата да донесе било каква одлука јас би се воздржала од коментари“, рече Петровска на денешната прес конференција.

Од Владата пак велат дека кадровските решенија се дел од меѓукоалициските договори, а токму оваа позиција во ДИЖС е во надлежност на партијата ДОМ.

Во јавноста се погласно се зборува дека позади евентуалното разрешувањето на Петровска се кријат внатрепартиски превирања во ДОМ и несогласувањата со лидерката на партијата, Маја Морачанин.

Внатрепартиските превирања во ДОМ „испливаа на површина“ кон средината на мај годинава кога токму Ана Петровска и тогашниот пратеник Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции, откако им беше изгласана недоверба. Како причина од партијата тогаш наведоа дека Петровска и Богдановски покренале нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес. Подоцна, пратеникот Мирослав Богдановски најави дека ќе дејствува како независен, а кон крајот на јуни поднесе оставка во Парламентот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста