Владата го послуша Заев, ќе се делат 355 милиони евра пред избори- вистински мерки или поткуп?

Владата и официјално потврди, предизборно ќе дели 355 милиони евра. И покрај острите критики од синдалкиците, компаниите и експертите се реши да го усвои третиот сет мерки онака како што беше предложен од Заев. Картички со по 150 евра ќе добијат 100.000 граѓани, ќе има викенд без ДДВ за купување гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Ќе се даваат и по 100 евра за летни одмори во домашните летувалишта.

-Околу 100.000 граѓани на нашата земја ќе добијат вредна 9.000 денари за македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите баратели на работа, кои немаат над 15.000 месечни приходи, како и приматели на гарантирана минимална помош. Оваа платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена, изјави Спасовски.

Од опозицијата велат ова не  помош за граѓаните и компаниите погодени од економската криза, туку мерки за еднократен поткуп. Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат стопанството е ставено на чекање до септември.

-Со ова се отвора ризик голем број на фирми да пропаднат, а илјадници работници да останат без работа или со влошена егзистенција. Над половина од 33.000 работници во секторот угостителство се времено без работа, голем број на фирми работат со намален обем, а илјадници граѓани со намалени приходи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Техничкиот премиер Спасовски пак се правда.

-Дали овој пакет на мерки можеби претставувале наводна изборна корупција? Ќе ви одговорам многу едноставно, овој пакет на мерки се носи како последица од здравствената криза од Ковид 19. Ние имавме избори закажани за 12 април, кога немаше Ковид, кога немаше здравствена криза, зошто тогаш не ги носевме мерките и да кажеме дека ќе донесеме вакви мерки кои што ќе ги дадеме на граѓаните?, прашува Спасовски.

Во новиот пакет мерки не е предвидено државата да продолжи да им дава минимална плата за вработените на фирмите погодени од кризата. Сега се предвидуваат бескаматни кредити за микро и малите претпријатија. Пари се предвидени и за земјоделците, а конечно 20 проценти повисока плата наредните два месеци ќе има и за медицинскиот кадар.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста