Владата ги исплати платите во СЈО со пари кои воопшто и не постоеле во буџетот

Спорните плати за вработените во СЈО веќе се исплатени, со пари кои не биле предвидени за такво нешто, преку уредба која е поништена од страна на Уставниот суд. Она што е малку чудно е што во моментот кога биле исплатени платите, пари за вакво нешто во буџетот воопшто и не постоеле. Оваа ставка е вметната дури во ребалансот кој помина на Влада во четвртокот. Од Министерството за правда за Алфа велат дека исплатата на 18 милиони денари ја направиле бидејќи имале важечка владина уредба во тие моменти.

-Таа се однесува за веќе исплатените плати и за веќе реализираните средства за јавнообвинителски службеници во СЈО. Платите се исплатени кога уредбата била во сила и не била ниту замрзната ниту поништена од страна на Уставниот суд, велат до Министерството за правда.

СЈО практично и да не постои откако Катица Јанева беше притворена за „Рекет“. Уредбата на Владата да ги исплати платите уште кога беше донесена, предизвика бура реакции во јавноста. Експертите уште тогаш порачаа дека Владата со ваквиот потег се обидува да ги поправи грешките од минатото, кога не го слушаше нивниот збор и заборави на СЈО, кога го носеше новиот закон за ЈО. Тогаш ги прераспредели само обвинителите во други Обвинителства, а за останатите вработени не реши ништо.

-Ова со СЈО е гаснење на пожарот затоа што луѓето кои што таму не по своја вина останале без работа. Законот е се уште во сила, не зеле плата подолг временски период и Владата мисли дека со вонредната состојба, кога има ингеренции да донесе некои уредби со законска сила ова ќе го реши, но немаше доблест да го реши како редовна Влада во редовна постапка без вонредна состојба, вели Давидовиќ.

Проблемите со платите во СЈО се појавија кога шефицата Јанева беше притворена и разрешена, а нејзините заменици заминаа во други обвинителства, па немаше кој да потпише исплата за другите вработени во ова Обвинителство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста