Влада ќе прават само граѓаните

Влада ќе прават само граѓаните

Пред речиси две децении сретнав резултати од истражувања вршени во Југославија низ спомените призната по среден и мирен живот. Истражување на авторитативноста помеѓу младинците на Југославија. Изненадувачки, југословенската младина била меѓу најавторитативните во светот. Не само полоша од младината во Париз, туку и од комсомолците на Москва.
Феноменот авторитативност се истражувал како идеја на група научници водени од Адорно со цел да се спречи повторувањето на холокаустот, нацизмот при што е составена една посебна скала на вредности. Авторитарната субмисивност се објаснува не само како желбата на поединец да ги владее сите, туку прифаќањето на обичниот човек да биде под нечија сенка. Не да го избере политичарот со гласање и да му даде власт врз однапред поставен стандард. Туку да живее со чувство на сигурност за својот личен живот, независно каков ќе биде ефектот за другите и за средината. Во тој ред се конвенционалноста, ригидноста, проекции на внатрешни конфликти и цинизам кон случувањата во и околу себе.
Наместо да мисли за кого е најдобро да гласа, да бара чесни луѓе со добра програма, тој прашува кој ќе победи на следните избори. И така, однапред имајќи го сознанието некако ,,да го фати ветрот на време”. Наместо откако ќе изгуби неговата политичка опција да бара отчет заради промени, тој се определува однапред да го доживее и предвиди профилот на победникот.
Зошто било така во Југославија не е тешко да се разбере. Држава со социјалистичка идеологија, истовремено блиска со гнилиот капитализам. Патријахално општество во екот на модернизација. Геополитички на средина меѓу атлантскиот и варшавскиот пакт. Логично е што треба да прифати и од што да се откаже човек за да изгради достоен живот.
Постојат и конкретни, актуелни совпаѓања. Палестинците се арапски народ. Но, најголема реакција на случувањата во Палестина имаме во Турција и Иран кои не се арапски народи. Арапските земји како Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Либан, Сирија не само што не се сериозно инволвирани туку не ги примаат ниту бегалците од Палестина. Арно ама, кога пред некој ден Етиопија се замеша во Сомалиленд, веднаш се јави Египет со реакција дека никој не смее да и прави проблеми на Сомалија.
Во исто време се проширија информации дека руската армија во Западна Африка го растоварила својот ,,руски африкански корпус”. Неодамна пишувавме дека претседателот Макрон најави повлекување на француските трупи од базите во Африка.
Значи така е тоа со жителите на малите држави кои се наоѓат на расседните линии на геополитиката во однос жителите на големите империјални сили. Послабите секогаш мора да се прилагодуват брзо, да мислат повеќе и да умеат да скротат некои свои импулси.
Кога зборуваме за авторитарниот карактер во нашата средина тој најчесто се разгледува во две доминантни категории. Едната наречена европска, базирана на чуството на вина. Втората, наречена балканската, базирана на чувство на гордоста. На пример, европската се опишува така што пешакот пред црвеното светло стои и кога нема сообраќај. Балканската пак функционира така што гордоста, егото, го тера човекот да помине на црвено дури и тогаш кога има густ сообраќај. Значи егото кај првата е потиснато од чуството на вина. Но, кај другата егото е движечко. Тревата ја гази и тој што го поставил знакот- да не се гази. Поминува на црвено, сирените на возачите свират сообраќајот подзастанува – ама пешакот поминува на среде улица одмавнувајќи гордо со раката. Така, некаде во его манијата се лоцира и крвавиот расплет на мирната Југославија.
И токму тоа е разочарувачко, што после три децении од појавата на либералната демократија на нашиве простори и без истражувања овој феномен наместо да се намалува, имам личен впечаток дека расте. Се преточува од еден во друг облик наместо да се бориме против неа како основа за појава на авторитарните режими. Проста анализа на бројните политички преврати, протсети со чуден крај и спротивен ефект, домашни конфликти, актуелно политичко прогонство укажуваат дека кај нас авторитативноста е доста актуелна. Пред нашите очи како да се открива долг процес на преточување на балканската во европска авторитативност и обратно.
Инаку како да го сфатиме тоа што откако анкетите покажуваат силно водство на опозицијата и очигледна победа на изборите во Мај, новинарите безобзирно да се ангажирани со ново запрепастувачко прашање.
-Дали ќе формирате Влада, откако ќе победите?
Новинарот прашува не дали и како ќе победи политичарот туку дали преку политички инженеринг ќе бидат изиграни гласовите на гласачите. Значи за гледачите на овие медиуми не е прашање профилот за кого се гласа, дали ќе се одржат демократски, фер и слободни избори, дали ќе победи демократијата во Македонија. Туку прашање е кој ќе прави Влада. При тоа кога се зборува за ,,правење Влада’’ тоа воопшто не звучи како домашна тематика туку како избор на надворешно влијание .
Се разбира, најмногу ме изненадува западната либерална администрација која иако е демократска, наместо да застане на патот на феноменот против кој се бореше прочуениот Адорно, ми се чини, е индиферентна како овој домашен феномен да има предности.
Оти ако е така, ние само територијално ќе припаѓаме на западот, ама азиската авторитативност ќе ја криеме во душата. Има ли логика ваков развој на настаните?
Испратената сублиминална порака до заплашениот сограѓанин е дека гласањето е слободно, ама подобро да биде и лукративно. Се дејствува преку политички субјекти кои треба да го олеснат негативниот ефект предизвикан од актуелната власт. Се појавуваат аналитичари со апокалиптични сценарија и дури јавно предвидуват црн исход за политичари кои не мислат исто.
Стигнавме до тоа во Македонија да се поделиме во изборот помеѓу истокот и западот. Според предложените наративи на политичката сцена во однос на промените на уставот на следните избори ќе одлучуваме не спатијално за партија туку геополитички. Што ќе се рече: или сте за Америка или за Русија. Ние сме дел од НАТО, а Русите не им дозволуват на Украинците да влeзат во нашата организација. Иако ние јасно сме определни како држава за единственоста на Украина тоа не е доволно. Потребни ни се дополнителни премрежја.
Но, како и да се развијат работите понатаму, во заплетот на овој ,, трилер со политички инжинеринг’’ постои точка на кулминација. Оној што свесно, или не, ја подгрева оваа чудна авторитативна атмосфера помеѓу нас граѓаните добро знае дека доколку постапува невнимателно, постои можност да се зголеми нивото на балканската авторитативност, базирана на експандирано его, непријатна, патријахлна и арогантна, особено негативна кон оние ,,кои се влијателни’’ и се јавуват „,од горе’’.
Затоа на изборите слободно ќе гласаме за оние во кои веруваме, а Влада ќе прават само граѓаните.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста