Виси само фотелјата на Заев: Приказни за мали деца неговите зборови за повторување на 2001-ва година

Заканите со војна и немири се несериозно и апсурдно заплашување во кое граѓаните не веруваат. Според познавачите, изјавата на Заев дека повторна победа на опозицијата во недела, ќе ја врати 2001-ва година, е потценување на гласачите, кое нема како да му донесе корист на СДСМ. Аналитичарот Агим Јонуз за Алфа вели, дека атмосферата не може да се спореди со онаа од пред 20 години, па изјавата на лидерот на СДСМ, според него е приказна за мали деца.

-Навистина несериозна изјава. Како прво за да се врати 2001 година, амбиентот тогаш и сега врзано за изборите е апсурд. Фактот дека некој потсетува дека може да се врати 2001-ва година е приказна за мали деца. Гласачкото тело во Македонија не може повеќе да се потцени со фактот дека се случува една нова ситуација, а тоа дека има огромен број на неопределени, што не се согласуваат, можеби не се согласуваат со ВМРО, но сигурно не со СДСМ, вели Агим Јонуз.

Универзитетскиот професор Владимир Божиновски, вели дека овие зборови на Заев, само ја покажуваат безизлезноста во која се наоѓа во моментов. Потенцира дека самата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и Алтернатива, покажува дека нови немири во Македонија не може да има.

-Искрено јас не гледам како ова би му користело на СДСМ, особено во ситуација каде што генерално поврзаност, односно коалицирање со етничките албански партии и од власта и од опозицијата со двете најголеми партии ВМРО и СДСМ. Едноставно со ова се покажува безизлезноста на ситуацијата во која што е СДСМ после првиот круг, по поразот во првиот круг. Но, и безизлезноста на Заев, кој што доколку го изгуби Скопје, што станува се поизвесно со оглед на резултатите од првиот круг, најверојатно како што самиот и кажа ќе мора да си даде оставка, изјави Божиновски.

Наместо закани за можни немири, Божиновски вели дека Заев причината за поразот треба да ја бара во големиот број погрешни политики минативе години.

-Освен што виси фотелјата на Заев и можеби мнозинството на СДСМ, јас не гледам некоја состојба во државата која што воопшто би потсетила на 2001-ва година. Друго е проблемот со лошото справување со ковид пандемијата, друго е проблемот со економската криза, друг е проблемот и со енергетската криза. Тоа е едноставно лошо раководење со државата, кое што ќе предизвика последици на сите граѓани, изјави Божиновски.

Овие зборови на Заев не се единствени кои може да се сфатат како закана од страна на Заев. Тој во кампањата по првиот изборен круг порача дека победа на СДСМ ќе значи дека сите ќе бидат среќни, додека пак пораз дека среќа ќе немало за никого.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста