Професорот Трајковски: Бројките на ковид зарезени допрва ќе растат уште повеќе

Корона пандемијата повторно зема замав – показател за тоа според познавачите е што бројот на преносливост на вирусот повторно ја надмина единицата што значи дека секој еден заразен вирусот го пренесува на најмалку уште едно лице. Професорот Дејан Трајковски преку своите дневни анализи алармира дека со студените денови ќе се зголеми и бројот на нови случаи, посебно во средините каде во летото имаше мал број на заразени.

„Можеме да кажеме дека бранот на Делта сојот во државата практично не е ни започнат ако не ги сметаме градовите од полошкиот регион Тетово и Гостивар. Во остатокот од државата бројките допрва ќе се зголемуваат како што ќе расте преносливоста и вториот фактор како што ќе се намалува заштитата од вакцините“, вели професорот Дејан Трајковски од Битола.

Бројот на починати никако да спласне. Податоците на Министерството за здравство и натаму бележат двоцифрен број на пациенти кои ја загубиле ботката со вирусот. Ова пак е причина поради која Македонија и натаму е високо на листата на земји со најголем број на починати на еден милион жители, втора во Европа и трета во светот. Но професорот Трајковски алармира – ако се земат предвид податоците од последниот попис, тогаш земјава е прва во светот по бројот на смртни случаи.

Во меѓувреме, новата уште позаразна варијанта на Делта мутацијата се ближи кон Македонија. Вчера два нови случаи на оваа мутација биле регистрирани во Кипар.

Според светските медиуми, Делта плус сојот го има во Велика Британија, а мал број случаи се регистрирани и во Данска, Германија, САД, Израел и во Русија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста