Ветрот го исчисти воздухот и ги однесе мерките за загадување

Ветрот го исчисти воздухот во Скопје и ги однесе мерките за загадување, кои беа на сила само еден ден. Сабајле важеше бесплатниот јавен превоз, сега не важи. Практично, дел од граѓаните кои тргнаа на работа со автобус, на враќање дома мора да си платат карта бидејќи во меѓувреме власта се продмисли – па ги запре мерките.

“Не располагаме со точен број на патници кои ја искористија можноста за бесплатен јавен превоз.Oд увидот на терен, бројката на превезени патници во режимот на бесплатен превоз е незначителна“, велат од ЈСП „Скопје“.

И градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов признава дека мерките за бесплатен јавен превоз и поскап паркинг,  не го редуцирало сообраќајот.Вината за укинувањето на мерките ја префрли кај министерството за животна средина.

“За мерките за аерозагадувањето надлежно е Министерството за животна средина, а за жал не успеваме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај и ќе треба да поработиме на тие навики кај луѓето“ – изјави Шилегов.

Додека граѓаните едвај чекаат да помине зимото и загадениот воздух со него, власта не го исполнува ветувањето за ваучери за инвертер клими, како замена на печки на огревно дрво. Она што загрижува – за да се стигне до субвенцијата, граѓаните ќе почекаат да помине и оваа зима.А додека Владата одлучува кога ќе стартува проектот, паралелно ќе формира комисија што ќе го следи имплементирањето на еколошката мерка за субвенционирање.

Бесплатен јавен превоз, двојно поскап паркинг и стопирање на градежните работи беа дел од мерките кои ги воведе владата пред некој ден, како зашитата од аерозагадувањето. Но ги укина затоа што концентрацијата на отровните ПМ10 честички паднала под 175 микрограми на метар кубен, граница што сами си ја поставија надлежните инситуции. Сепак, сè над 50 микрограми се смета за загаден воздух, но мерките владата ги носи само ако бил воздухот екстремно загаден повеќе од два дена.

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста