МВР истражува, ОЈО не открива детали- дали „Јавна соба“ била користена за проституција?

Освен за ширење детска порнографија, МВР испитува дали „Јавната соба“ била користена и за проституција. Прашавме во Обвинителството дали биле извршени претреси во домовите на сега веќе познатите лица од „Јавна соба“, чии мобилни телефони се одземени, но дали биле проверени и нивните компјутери од ОЈО не кажуваат. Прашавме и дали кај нив постојат индиции дека групата на „Телеграм“ била користена за проституција, но велат во моментов не можеле да откријат повеќе .

-Надлежниот јавен обвинител активно презема дејствија и вчера одржа работен состанок со претставници од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи и од Единицата за економски и компјутерски криминал во СВР-Скопје. На состанокот беа анализирани досега прибраните податоци и беа дадени насоки за следните чекори кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба и прибирање докази. Со оглед на тоа што се работи за предистражна постапка, обвинителството не е во можност да сподели повеќе детали околу сите дејствија што се преземаат, велат за Алфа од Обвинителството.

„Јавна соба“ повеќе ја нема, но таа отвори многу прашања на кои барем засега нема да добиеме одговор. Случајот не го работи Обвинителството за гонење организиран криминал, туку ОЈО Скопје, што е помалку чудно, бидејќи токму секторот за организиран криминал во МВР ја истражува групата на „Телеграм“ каде се објавуваа експлицитни фотографии и видеа од млади девојки, дел од нив и малолетни.

Полицијата знае кој е креаторот и супервизорот на групата, со псевдоним „Медо“, кој на сега веќе деактивираниот Фејсбук профил е потпишан Вирус. Покрај него во групата имало по двајца модератори и двајца администратори, кои исто како и „Медо“ и се познати на полицијата.

Во МВР досега само една жртва на „Јавна соба“ пријавила, додека пак како што кажа министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи, во нејзиното Министерството засега никој ништо не пријавил.

-Ниедна од жртвите, односно нивните родители не го имаат контактирано Министерството, мене директно никој од нив. Јас сум згрозена од настаните, не ни верував дека моралот и етиката во општеството ќе падне на толку ниско ниво. Меѓутоа верувам во способноста и функционирањето на МВР и дека тие го водат процесот, вели Мизрахи.

Како што веќе објави Алфа, затворената „Јавна соба“ не е единствена група каде што се споделуваа екплицитни фотографии и видео материјали од македонски девојки. Уште три такви групи постоеја на веб сајтот „волафајл.орг“.

Матеја Петровски