Венецијанската комисија може да го расипе владиниот брак меѓу ДУИ и СДСМ

И Али Ахмети ќе почекал да ја види официјалната проценка на Венецијанската комисија за Законот за јазици. Но, реториката на лидерот на ДУИ, не дава оптимизам дека би ги прифатил препораките, вели- враќањето назад не и служи на земјата.

-Се уште немаме информација и сметам дека Венецијанската комисија е авторитетна комисија и треба да има предвид дека законот за употреба на јазиците помина во највисоката институција во Република Северна Македонија. Ќе почекаме да ја видиме нивната конечна проценка, но сепак секое враќање назад не и служи на земјата и не служи на односите меѓу заедниците, изјави Ахмети.

Ставот на ДУИ веќе подолго време е дека нема да се чепка Законот за јазици. Од тука се поставува прашањето- дали Венецијанска ќе ја „уништи“ љубовта меѓу владините коалициони партнери. Премиерот Заев иако првично ветуваше дека нема да има двојазичност на цела територија на Македонија, потоа го протна Законот со европско знаменце, за на крај да изрази подготвеност да го промени.

-Мерењето на добивањето на правда наспроти правото на употреба на јазикот, ако го загрози она првото тогаш прашање е дали им треба на граѓаните, изјави Заев на 9-ти октомври годинава.

Артан Груби пред нешто повеќе од еден месец порача дека цената на мирот е многу поголема од цената на овој закон.

-Јас сметам дека цената на мирот, цената на еднаквоста, цената на меѓуетничките односи е неспоредлива со цената на имплементација, симболичната цена на имплементација на еден закон, изјави Груби на 7 октомври.

Во драфт верзијата, Венецијанска порача дека Законот за јазици е противуставен. Заев пак, предизборно како да омекнува. Се поставува прашањето дали ваквата ситуација владејачката СДСМ можеби ќе ја искористи во кампањата, каде повикувајќи се на Венецијанската комисија, ќе ветува можна промена на законот, како би се додвориле до гласачите.

Матеја Петровски