Вархеји е разочаран од тоа што се уште се преговара за почеток на преговорите за Македонија

Ќе ги омекне ли цврстите бугарски ставови интензивната дипломатска офанзива на еврокомесарот Оливер Вархеји на Балканот? Во услови на нови закани од Бугарија и поставување на ултиматуми, европските тешкаши со доза оптимизам најавуваат дека до јуни е можно решение во билатералните односи. Сепак Вархеји признава дека е разочаран од тоа што сѐ уште се разговара за прашањето кога Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ кое, како што рече, верувал дека било решено пред две години.

Исклучително сум разочаран што сè уште разговараме за ова прашање. Разговаравме пред две години, сега пак разговараме. Мораме да си веруваме еден на друг, да веруваме во нашите способности. Сите земји-членки мора да ја почувствуваат силата на процесот на пристапување. Ќе доаѓам онолку пати колку што е потребно за да го решам овој проблем, бидејќи војната ни покажа дека немаме ниту време ниту можност да го забавиме овој процес, порача Вархеји.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, млаката реакција кон бугарските власти сега ја замени со остра реторика. Откако од Берлин и порача на Софија да покаже лидерство за да се затвори токсичниот тек на односи, сега пред европските челници со порака дека одложувањето на преговорите, може да има сериозни регионални последици.  

Во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива. Секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

А Бугарија ќе настојува Македонија да го смени Уставот и да ги направи Бугарите државотворен народ, порача бугарската шефица на допломатијата Теодора Генчовска пред почетокот на Форумот во Софија. Како што пренесуваат бугарските медиуми, Генчовска не ја исклучува можноста пакетот 4+1 барање да стане дел и од преговарачката рамка за почнување на преговорите на Македонија. Во излагањето на европскиот форум, Генчовска порача дека во спорот со Македонија потребни биле конкретни резултати а не крајни рокови.

-Тоа е условот кој стои во Декларацијата на Народното Собрание и во решенијата на косултативниот Совет за национална безбедност. Така што за нас тоа е услов кој треба да биде исполнет од страна на Македонија. – Прашањето е дали да биде впишано во преговарачката рамка или прво да го исполнат, па да почнат преговори? Во оваа фаза прво да го исполнат овој услов претходно, па да почнат преговорите. Но премиерот дава поинакви сигнали? Јас не знам какви сигнали дава, но тоа е нашата позиција, вели Генчовска.

Вархеи утрово имаше средба со претседателот Румен Радев, а доцна попладне ќе се сретне и со премиерот Кирил Петков. Следна дестинација за Вархеји е Скопје, каде планирани се средби со државно политичкиот врв.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста