12% зголемување на платите на наставниците – Владата и СОНК постигнаа договор

Си пружија рака, и по три часа маратонски преговори излегоа со насмевка на лицата. Владата и СОНК конечно постигнаа договор за усогласување на ставовите и покачување на сегашните плати на наставниците.

По долгите преговори двете засегнати страни се договорија за раст на платите за 12%, и веќе од среда учениците се враќаат во школските клупи.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков по состанокот со владините министри рече дека штрајкот конечно ќе заврши. Јавно им се извини на родителите кои цело време биле во неивесност од кога децата ќе вратат во училиште. Во однос на изгубените часови, но и дали ќе има одложување на државната матура, Неделков рече дека за ова ќе се знае по завршувањето на состанокот со членството.

  • Според тоа што е кажано, станува збор за евентуално усогласување на ставовите во рамките на можностите на државата, покачувањето да започне најдоцна од јули откако ќе биде изгласан ребалансот на буџетот, односно станува збор за зголемување на платите од 12 проценти, рече Неделков кој денешните преговори ги оцени како многу тешки и кои траеја повеќе од три часа.

Тој додаде дека во текот на утрешниот ден (вторник) ќе имаат консултации со членството, а во интерес на учениците, родителите и вработените, штрајкот ќе заврши на општо добро и задоволство на сите.

  • Жалам што волку време поминавме во штрајк, им се извинувам на учениците и родителите кои претрпеа загуба со неодење на училиште. До утре навечер ќе имаме резултати од сондажата на јавно мислење на членството, евентуално од среда би се вратиле учениците во училиште, кажа Неделков.

Министерот за образование Јетон Шаќири и министерката за труд Јованка Тренчевска изразија надеж дека од среда децата ќе се вратат во градинките и во училиштата. Според нив, понудениот процент за раст на платите нема да предизвика инфлација, зашто со ребалансот на Буџетот ќе има доволно пари за сите.

  • На средбата присутни биле премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE), Сузан Флокен.

На преговорите со Владата претставниците на СОНК беа придружувани и од директорката на Европската конфедерација на синдикатите на образованието Сузан Флокен која дојде во Македонија за да им даде поддршка на наставниците. Таа рече дека тие имаат право да бараат повисоки стандарди бидејќи образованието ја креира иднината на една држава.

  • Наставниците имаат право да бараат повисоки стандарди бидејќи образованието е тоа што ја креира иднината на една држава. Тие ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат подобро отколку само зборови. Образованието е повеќе од само образование, тоа е подготовка на идните генерации. Квалитетно образование е темел на целото општеството. Стоиме до колегите наставници овде во борбата за нивните права, рече директорката на Европската конфедерација на синдикатите на образованието Сузан Флокен, која дојде во Македонија за да им даде поддршка на наставниците.

Инаку, СОНК од 11 април е во генерален штрајк за повисоки плати на вработените во образованието. Покачувањето од 12% ќе биде од јули, односно по ребалансот на државниот буџет.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста