Русија ги запира вентилите со гас за Бугарија-Македонија засега има гас, ама прашање е до кога

Македонија не остана без гас, но до кога? Единствениот приклучок преку Бугарија е се уште достапен, и покрај тоа што руски Гаспром одлучи да го секне гасот кон Бугарија, бидејќи државата одбила да плати во руски рубљи. Министерот за економија Крешник Бектеши упорно уверува дека денеска имало контролирани испораки и проблеми ќе немало. Од наша страна, сите обврски биле подмирени. Бугарија не смеела да го прекине транзитот на руски гас преку нејзина територија, бидејќи цевководите не се во нејзина сопственост. Доколку го стори тоа , државата ќе се соочи со тужби. Следната недела, на состанок во Софија регионалните министри за економија ќе ги презентираат потребите на секоја држава за континуирано да продолжи снабдувањето. Бектеши уверува дека алтернативи за снабдување со гас има, но не прецизира колку тој ќе биде поскап. признава дека се ќе зависи од одлуките на Русија.

„Преносната мрежа мора да функционира, што значи дека ако Руската Федерација не донесе одлука за прекин на испорака на природен гас со Македонија, тоа треба во континуитет и редовно да с еодвива испораката“ – рече Бектеши.

Колку ќе има – толку. Бугарија не гарантира сигурна испорака на гас кон Македонија. Ќе направеле напори да им помогнат на соседите, но не ветуваат ништо. За бугарските граѓани и фирми има количини за еден месец. Во игра е набавка на гас од Азербејџан, но тој е поскап. Колку тоа ќе ги чини повеќе бугарските, а индиректно и македонските граѓани и фирми засега е непознато.

„Обезбедивме алтернативни извори и доволни количини на гас за извесно време. За тоа време, преку Европската комисија ќе се видат можностите за заедничко снабдување. Бугарија е лојален партнер со сите соседни земји, но Бугарија не е Русија. Кога ќе имаме можност ќе им помогнеме на сите соседни земји. Според постоечките договори, бидејќи другата страна е повторно Гаспром, сите можни механизми и ризици ќе бидат разгледани. Тоа не значи дека вештачки ќе ги изложиме на ризик нашите соседни земји“ – рече Александар Николов, министер за енергетика на Бугарија.

Трговците со гас имаат однапред склучени договори за набавка на рускки гас. Тврдат дека трошоците им се однапред подмирени.Според Константин Димитров од МАЦЕФ, ако македонските компании најдат начин, преку разни канали да продолжат да го плаќаат гасот во руски рубљи, снабдувањето ќе биде непрекинато. Во спротивно, проблеми ќе има.

„Зависи од нашите компании како ќе решат. Зависи дури и од банката. Тие велат дека немаме ние дефинирано трговија со рубљи. Ќе донесеме закон и ќе ги внесеме како платежно средство или ќе бидат принудени нашите преку некоја кинеска банка да одат, да платат уште 10-15% провизија и ќе купуваат од таму“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.

Министерот Бектеши им порача на компаниите дека можат да работат на алтернативни горива, но не прецизираше колку тоа поскапо ќе ги чини. Другите приклучоци како интерконекторот кон Грција или бугарското поврзување со Грција не можат да бидат итни решенија. По одлуката да го секне гасот кон Бугарија и Полска, од Газпром ги предупредија двете земји да не крадат транзитни количини наменети за други земји, меѓу кои е и Македонија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста