Уште три дена имаат фирмите да ги вратат вработените за да ги користат мерките

Ќе имаат ли време газдите, за само три дена, да ги вратат избрканите работници пред да аплицираат за мерките? Дилема која се наметна откако Владата, за само два дена се пишмани па ја преправи уредбата, која дозволуваше отпуштање работници, а предизвика бура реакции во јавноста? Сега, стопанствениците кои ќе сакаат да аплицираат за државна помош ќе треба да го вратат персоналот на работа, но нејасно е дали тоа ќе важи за сите избркани или пак само за оние за кои газдата ќе побара субвенционирана минимална плата? Министерката за финансии вели – следиме колку од фирмите погодени со корона кризата ќе ги вратат работниците на работа до 7 мај.

„Нашата заложба со оваа Уредба е да се зачуваат работните места, да се вратат работниците на работните места, бидејќи е важно и за овој период и за периодот што следи, затоа што целта е секако работниците да бидат продуктивни, компаниите да можат брзо да се операват кога ќе ги имаат работниците на работните места“, вели министерката Ангеловска.

Првичната одлука на Владата дека фирмите што ќе ги користат владините мерките ќе може да отпуштат до 15 отсто од вработените предизвика негодување кај стопанските комори. Ден подоцна министерката за финансии се правдаше оти владата не стимулира. отпуштање на работници, туку сакала да им излезе во пресрет на фирмите кои веќе изгубиле дел од персоналот.

Министерството пак денеска објави дека буџетските приходи минатиот месец се намалите за 20 отсто во споредба со истиот период лани. Над 43 проценти паднале и приходите по основ на ДДВ, а пад од близу 12 отсто има и во плаќањето на персонален данок на доход. Власта прогнозира пад на БДП од 3,4 отсто до крај на годината.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста