Нема да се дознае што знае врвот на СДСМ за „Рекет“- судот не прифати да сведочат Заев, Спасовски, Филипче и Шекеринска

Јавноста нема да дознае што знае врвот на СДСМ за „Рекет“. Судот го одби барањето на првообвинетиот Боки 13- Зоран Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче и Радмила Шекеринска да се појават во улога сведоци. Во одбиената листа дополнителни докази, покрај политичарите, беа и новинарите од 1ТВ Ацо Кабранов, Гордана Дувњак, Јадранка Костова, Сашо Орданоски, Анета Кочишки, како и поранешниот директор на УБК Горан Николовски.

-Судот постапува со двоен аршин. Значи, сослуша еден тотално бенигнен сведок, Христијан Баневски, кој што врска нема со правната и фактичка состојба на овој предмет, сослуша некои лица кои исто така немаат никаква врска, туку се наводно обвинети во некој друг предмет, а не сослуша реални сведоци. Тоа е тоа пресудата е донесена, пресудата е донесена и не треба човек многу паметен да биде за тоа, изјави Сашо Дукоски, адвокатот на Боки 13.

Листа дополнителни докази предложи и второобвинетата Катица Јанева, меѓутоа во најголем дел и тие се одбиени, што било грешка според нејзините адвокати.

-Нашето мислење е дека се направи грешка, меѓутоа ставот на судот беше тука многу крут и не дозволуваше судот ништо ни да се направи. Се одбија докази кои што се појавија на 6-ти декември на Јутјуб, дополнителни разговори на сведокот тука сослушан, Јордан Камчев. Истите апсолутно сметаме дека мораше да бидат дозволени, изјави Дељо Кадиев, адвокатот на Јанева.

Обвинетите во „Рекет“, освен во овој, ќе се сретнат пред судот и во друг процес. Катица Јанева поднела приватна кривична пријава против Бојан Јовановски, затоа што неовластено ја снимал во нејзиниот дом со брдо пари на масата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста