Уште еден корона скандал – петмина заразени од авионот кој леташе од Скопје за Турку во вторникот

Уште еден меѓународен корона – скандал, очигледно продолжува „извозот“ на Ковид – 19 од Македонија во Финска. Петмина патници кои во вторникот со авион од скопскиот аеродром пристигнале на аеродромот во Турку, се позитивни на тестовите кои по наредба на здравствените власти, ги направиле по пристигнувањето. Шефот на регионална болница во југозападна Финска, Мико Пиетила, соопштил дека двајца од заразените биле фински државјани , а тројца по потекло биле од Балканот и живееле таму. 

Како што информираат финските медиуми, петте пациенти позитивни на Ковид 19 се хоспитализирани, но не се знае ништо за тоа каква е нивната здравствена состојба.

Она што дополнително загрижува е фактот што дури 17 патници одбиле да направат тест, а биле тестирани 129 граѓани. Сите кои патувале со овој лет од Скопје се ставени во карантин, и ќе бидат тестирани. Надлежните институции најавиле дека ќе контролираат дали карантинот се почитува, а за негово евентуално прекршување ќе има санкции.

По непријатната ситуација со 24те заразени патници, финците воведоа задолжително тестирање и можен карантин за лица кои доаѓаат од кризни подрачја, меѓу кои е и нашата земја со оглед на епидемиолошката состојба поради корона кризата. Ниту еден од претходните патници не бил на листата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, и немал решение за изолација заради позитивен корона тест.

Откако МНР преку Амбасадата во Стокхолм, ја побара листата со имиња на патниците кај кои било констатирано присуство на вирусот, министерот Филипче, најави дека по анализа на сите информации ќе биде одлучено дали во иднина ќе се бараат ПЦР тестови за граѓаните на соседните држави кои само транзитираат низ земјава. Но последното со кое излезе министерот Филипче, беше дека граѓаните кои транзитирале, не претставувале опасност за ширење на корона вирусот. По овие немили настани, повторно страв кај македонските граѓани, дека е можно, патниците кои прават транзит, сепак да бидат опасност за ширење на инфекцијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста