Угостителите бараат средба со Заев, предупредуваат дека ќе следи затворање на бизниси

Угостителите бесни откако Владата одлучи да им го ограничи работното време до 18 часот и тоа се до 20-ти јануари следната година. Независната угостителска комора бара итна средба со премиерот Заев која ќе биде отворена за медиумите. Велат поради најновите рестрикции неопходна ќе биде дополнителна финансиска помош само за овој сектор. Сметаат дека никако не смее да се дозволи да пропаѓаат фирми и да се отпуштаат вработени, туку владата треба да ги надокнади трошоците.

„Ако навистина Владата требало да бира како што напомена премиерот, меѓу задоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна, тогаш целосното затворање по примерот на другите земји требаше да е вистинскиот избор по здравјето на сите нас, мерка која би била проследена со соодветна финансиска поддршка и помош. Парцијалните и селективни мерки некординирани со соодветна финансиска поддршка со кои во континуитет е опфатена само угостителската индустрија ги води угостителите и бизнисите од пропратните индустрии во целосна кома и колапс“ – велат од Независна угостителска комора.

Министерот за економија Бектеши, пак, вели дека Владата веќе размислува за евентуална дополнителна помош за поддршка на угостителството следната година.

Бектеши ги негираше гласините дека Новата година ќе може да се прославува во казината, обложувалниците и автомат клубовите. И покрај тоа што ваквите објекти работат непречено 24 часа, оние што во склоп имаат и опција за послужување храна и пијалоци треба да ги почитуваат рестриктивните мерки – вели министерот. Инаку, Владата проценила дека скратувањето на работното време на угостителите ќе предизвика загуби во висина од 22 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста