Тутунарите бараат најниската цена по килограм да биде 10 евра

Тутунарите бараат најниската цена по килограм да биде 10 евра

 Како се наближува тутунската откупна кампања, така растат загриженоста и револтот кај тутнарите. Сериозно погодени од дивеачката инфлација, бараат итна средба со ресорното министерство, со откупувачите, но и со Сојузот на земјоделски здруженија. Тврдат дека годинава родот е преполовен, но е со висок квалитет, па нужно било на веќе потпишаните договори да се направат анекси и просечната откупна цена никако да не биде под 10 евра за килограм тутун. Во спротивно, се закануваат дека нема да го предаваат родот.

  „Ние сме сведоци во изминатиов период дека со инфлацијата и производствените трошоци се некаде околу 40-50 проценти зголемени. Значи, реално, некаде околу 400 денари имаме само производствени трошоци. Една кутија цигари дојде да биде од 120-150 денари, а килограм тутун е останат исто. Порано еден кг тутун одеше до 3 кг биено сирење“, вели Диме Димитријески, претседател на УО на Националната земјоделска мрежа.

   Тутунарите вријат и на социјалните мрежи, особено по објавата на УЈП дека еден од македонските милионери бил токму трговец со тутун. „Некој директор од тутунската мафија земал плата од 192.000 евра месечно, а за нас 600 денари биле многу?!“, „Околу 100 семејства работат и произведуваат тутун, за да му обезбедат „пристојна“ плата на еден човек од 195.000 евра месечно. За туѓи бели дворови, копај си црни гробови“, „Од мафијашка држава, сесе очекува“, коментираат тутунарите на социјалните мрежи.

  Инаку, годинашниот род на тутунот од планираните 26 милиони килограми, реално се очекува да тежи едвај 12 милиони килограми. „Сега имаме доста квалитетен тутун, но во мали колични и со двојно повисока производствена цена. Затоа да не се брза со предавањето на родот додека не се корегираат актуелните откупни цени“, апелираат од Националната земјоделска мрежа. Раниот откуп на тутунот започнува на 15 ноември, а сите лиценцирани откупувачи обврзани се откупните пунктови да ги отворат најдоцна на 15 декември.  

 Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста