ТикТок лудилото во Македонија не престанува: Видеата со пукање и лудување со автомобили станаа секојдневие

Желбата за ТикТок популарност доведува во опасност човечки животи во Македонија. Последниот пример е ова пукање со калашников. Видеата со користење  огнено оружје и лудување со автомобили, станаа секојдневие на оваа апликација, од страна на корисници од Македонија. Еден од примерите е во тетовско Боговиње, видео по кое 39 годишен маж, кој помагаше на дете да пука од пиштол, доби кривична пријава.

Но, овој случај за жал не е единствен. На ден пред новата година, на апликацијата ТикТок беше објавено видео од скопската населба Топанско поле, каде меѓу многуте луѓе, има и еден што пука во воздух, сред бел ден.

Социјалните мрежи вријат и од други видеа каде се користи огнено оружје, а се тврди дека се направени во Македонија.

Веќе бевме сведоци на лудување со автомобили, како што беше примерот на скопскиот плоштад, каде маж од скопско Арачиново, лудуваше со своето Бентли. Бевме сведоци и на избегнување метеж во сообраќајот, возејќи по велосипедска патека. И во двата случаи за такво нешто и двајцата се пофалија на ТикТок. А со лудување со автомобил се пофалија и тиктокери од Тетово и Радовиш.

Инаку, апликацијата ТикТок во текот на 2020 година стана планетарно популарна, пред се кај младата популација. Во текот на летово имаше обвинување дека оваа кинеска платформа ги злоупотребува информациите на корисниците, па имаше барања за укинување на апликацијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста