Херои на годината – граѓаните благодарни на медицинскиот персонал

10 месеци макотрпна борба да се спаси живот. Докторите и медицинските сестри кои се во првите борбени редови со корона пандемијата, станаа херои на 2020 година. Но, работата ни малку не им е лесна, маскирани како космонаути, во скафандери и по 24 часа, со кожа набрчкана од две рала  ракавици и рани на лицето од долгото носење на маски. Ниту еднаш не потфрлија, не се откажаа…. И покрај предизвиците со кои се соочија – тешките судбини кои минаа нив нивните раце, на моменти заборавени и од Власта, останаа истрајни во својата борба.

Инфективната клиника во Скопје прва ги отвори вратите за тешко болните ковид пациенти. Таму и бројот на кревети за лекување е најголем. Докторите од оваа болница уште од стартот на кризата ги молеа граѓаните да ги почитуваат мерките, оти секое непочитување велеа е ризик не само по сопственото здравје, туку и здравјето на своите најблиски, но и на здравствените работници.

„Ентузијазмот е голем, желбата на луѓето да помогнам, не само за мене лично туку на целиот персонал. Има максимална посветеност од колективот кон болните. Жалосно е што во инфективни заболувања болеста може да ја пренесат на други. И што е најтрагично ние комуницираме со тие што ги сакаме, па ги заразуваме тие што ги сакаме најмногу“, вели доктор Илир Демири од Клиниката за инфективни болести.

Вториот есенски корона бран силно ги погоди докторите во ГОБ 8 Септември. Работеа преполовени, едни во ковид центарот, други во дежурните амбуланти, а имаше и голем број заразени или во самоизолација. Маката ги натера да застанат пред камерите – да признаат оти се паднати на колена.

„Порано за овие пациенти се грижеа исклучиво анестезиолозите, меѓутоа, проблемот е наметнат од пред два три месеци за нив се грижат интернистите. Се знае дека анестезија, реанимација е гранка која што се грижи за интензивно лекување, работа со машини, меѓутоа за жал они доаѓаат како конзилијарни доктори, а целокупниот товар и грижа за пациентите паѓа на интернистите. Болницата има и други доктори кои треба да дојдат како колегијална помош и да се грижат за третман на овие болни“, вели доктор Владимир Ристовски, интернист.

Во пресрет на Новата година, Власта се сети на медицинарите од ковид центрите. Ги награди со еднократна парична помош од 30.000 денари. Но парите не стигнаа кај сите. Барем не кај оние кои секојдневно се грижат за илјадници пациенти позитивни на корона вирусот – матичните доктори.

„Сите оние кои што се на прва борбена линија во моментов не се болниците туку се матичните лекари и треба да бидеме соодветно вреднувани. Меѓутоа на жалост во оваа наша држава тезите погрешно се поставуваат и ние сме сега во една позиција каде што е неблагодарно да работиш медицина а да зборуваш за пари. Ние како примарно здравство до овој момент немаме добиено никаква помош од државата, а не пак благодарност некаква“, вели Ненад Лазаров – матичен доктор

Корона пандемијата не ги поштеди ниту здравствените работници. Близу 3200 медицински лица беа позитивни на вирусот. Од нив 21 завршија трагично – најмладата медицинска сестра која почина поради компликации од Ковид 19 имаше само 40 години.  

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста