Тендерите повторно проблем за власта: Поради 400.000 евра синоќа не се гаснеше пожар од воздух, но пари за службени возила има

-Нашиот трет Илинден е грижата за нашите граѓани. И во најдоброто и во најлошото, никогаш нема да оставиме некого на сред пат.

Само неколку часа по овие зборови на премиерот Зоран Заев, се покажа спротивното, се покажа дека не сите граѓани се еднакви, дека не сите граѓани имаат еднакви услови за живот, а за секој проблем власта секогаш оправдувањето го бара, во како што ја нарекуваат сложената тендерска постапка. Така беше со респираторите на стартот на пандемијата, па потоа и со вакцините, а сега истото го гледаме и со механизацијата за справување со пожарите, која од воздух е нефункционална во мрак.

Сепак, можеме да видиме и примери кога тендерите не се проблем за одредени инвестиции, како што беше случајот со обновувањето на возниот парк на владините функционери, за чија намена беа потрошени пет пати повеќе пари, отколку што е потребно за сервисирање на противпожарната опрема од воздух. За оваа проблематика на социјалните мрежи реагираше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

-Немаат 400.000 евра за сервис за противпожарните ер-трактори (купени во 2010г). Имаат речиси 2.000.000 евра за лизинг на 45 нови возила за владините функционери, пишува Милошоски.

За власта не беше проблем ниту скандалозниот тендер за набавка на противпожарното возило со специјална скала, вредно 1,7 милиони евра. Интересно, за таа намена тендерот го доби фирма која претходно добила дури 126 државни тендери. За овој случај предмет отвори и Антикорупциска.

-Значи ние постапуваме по се, отворен е и тој предмет, ќе се работи како и сите предмети, меѓутоа неблагодарно е некој сам за себе да поднесува пријава за сомнежи за корупција. Малку не содејствува со одредбите од нашиот закон, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Со корона пандемијата уште еднаш се видоа тендер проблемите на власта, кога е во прашање заштитата на граѓаните. Додека речиси секаде беше започната масовната вакцинација, во март годинава немаше ниту една вакцина, но државата си доби тендер скандал со вакцините. Тогаш италијанскиот весник „Ла Верита“ објави дека Министерството за надворешни работи склопило договор да набави кинески вакцини преку фантом фирма од Хонг Конг.

Станува збор за фирмата „Старби“ за која не се знае колку вработени има, а нема ниту медицинско ниту фармацевтско портфолио. Ова е сосема друго од она што премиерот Зоран Заев го изјавуваше деновиве, дека се работи за конпанија блиска до „Синохидро“ чија компанија мајка е „Пауер Чајна“, пишува „Ла верита“.

Со корона пандемијата во Македонија се виде дека проблем е недостатокот на респиратори за дишење, а и тука уште еднаш се покажа тендерскиот проблем. Еден тендер за нивна набавка беше поништен, откако опозицијата обвини дека се работи за криминал.

Матеја Петровски