Заев уверува дека Бугарија ќе ја тргне блокада- дали на Илинден најави попуштање пред бугарските барања?

На ден Илинден премиерот Зоран Заев ни порача дека бил уверен, дека Бугарија наскоро ќе ја тргнела блокадата кон Македонија. А условите за тоа сите ги знаеме, односно директен удар токму врз Илинден. Источниот сосед од нас бара да сме признаеле дека Гоце Делчев и другите илинденски херои, кои се бореле и животот го дале за Македонија во 1903-тата, биле Бугари.

Но бараат и да признаеме дека македонскиот јазик, кој официјално бил кодифициран на овој ден, во 1944-тата години, во манастирот Прохор Пчински, пред тоа не постоел. Бугарија неколку пати јасно ни порача дека без овие потези, немало да ни дадат зелено светло за старт на преговори со Европската унија. Се поставува прашањето дали Заев со овие зборови, наговестува дека е подготвен да ги прифати овие уцени и условувања.

-Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија. Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи, изјави Заев.

Заев денешниот говор го искористи и да испрати порака до политичките противници, повикувајќи ги да не се докажуваат кој бил поголем патриот, бидејќи според него тоа го правеле поради политички цели.

-Да престанеме да се биеме во гради за тоа кој е поголем патриот, заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите. Нема да престанам да повикувам да бидеме сложни и единствени заради граѓаните и заради татковината, за заедничкиот напредок, изјави Заев.

Во слоганот за Илинден годинава Владата повторно го изостави зборот Македонија. А во Пелинце настанот беше проследен и со повеќе културно уметнички делови. Настап имаше Ансамблот за народни игри и песни Танец.

Свои перформанс имаше и хорот на македонската опера и балет, како и две млади балерини од средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски- Луј“. Настап имаа и претставници до Националната установа за албански ора и песни во Македонија.

118-те години од Илинденското востание и 77-те години од првото заседание на АСНОМ ги чествуваме во мигови, кога македонските национални интереси се на удар од Бугарија, која бара да прифатиме се што бараат за да напредуваме во евроинтеграциите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста