Судир во владината коалиција за бришењето на предметот историја, Џафери контра Царовска

Се продлабочува судирот во владината коалиција околу концептот за реформа во основното образование.Претседателот на собранието Џафери ја критикува идејата на министерката за образование Царовска за укинување на историјата како посебен предмет и нејзино спојување со општествените науки. Тој во телевизиско гостување и порача на министерката да не избрзува.

“Царовска предвреме излезе во јавноста со тие тези. Потребна е посебна анализа, сериозна дебата. Моментот е погрешен. Не е вистинско време сега да се отвори таа тема”, вели Џафери.

Ставот на Џафери како претседател на собрнаието, но и како претставник на ДУИ не е единствениот во владеачкото мнозинство контра најавените реформи на Царовска. Претходно и демократскиот сојуз на Павле Трајанов излезе со став дека спојувањето на предметите историја и географија е недоволно истражена и избрзана мерка. Според партијата може да има далекусежни последици по образованието на младите. Оттаму го критикуваат и тајмингот одбран за вакви потези односно дека тоа се случува во период на негирање на историјата од страна на Бугарија.

За времето на спроведување на реформите реагира и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

“Случајно е ова мислите или не со предметот историја? Не е случајно. Отркако гледате вие дека не можете да ги менувате членовите на комисијата која преговара за историските настани најдобро избришете го предметот историја па тогаш децава ќе учат некоја енциклопедиска историја. Тоа е најлесно.”, изјави Мицкоски.

Според Царовска спојувањето на предметот историја во општествени науки е модерна пракса. Основното образование било база и затоа промените се правеле прво таму.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста