Столтенбрг: Не гледаме директна воена закана за која било од земјите во регионот

Столтенбрг: Не гледаме директна воена закана за која било од земјите во регионот

Нема воена закана за сојузниците на НАТО, но има зголемување на тензиите особено на северот на Косово – безбедносните прашања, војната во Украина и кризата на Блискиот исток биле темите на кои разговарале генералниот секретар Јенс Столтенберг, и лидерите на НАТО сојузниците од регионот.  Авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски капацитет, а има и сајбер закани, рече шефот на НАТО. Алијансата е загрижена за последните случувања во БиХ и Косово, па поради тоа, вели Столтенберг, преку дијалог треба да се надминат регионалните конфликти.

  • „Гледаме зголемување на тензиите, особено во Косово. Има тензии што се јавуваат и во БиХ, но не гледаме директна воена закана. Загрижени сме, но истовремено сметам дека треба да се препознае силата на НАТО. Имаме сојузници кои се на овој состанок. Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1.000 дополнителни трупи и со потешко вооружување и секако ние сме претпазливи и одблиску ја следиме ситуацијата. Тука повеќе сме за тоа како да се стабилизира нашето соседство. Затоа ми е корисно да седнам со сите лидери од регионот да ги споделам нашите проценки за да сфатиме како да напредуваме“, рече Столтенберг.

Укажувањата за тоа како да се стабилизира соседството и проценките на НАТО, ги слушнаа македонскиот премиер Димитар Ковачевски, колегите од Албанија, Еди Рама, од Црна Гора Милојко Спајиќ, и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Ковачевски повтори дека безбедносната ситуација е стабилна и дека не постојат индиции за нејзино нарушување, но не заборави да потсети дека пречката на евроинтегративниот пат се уставните измени кои зависат од пратениците.

  • „Нашата домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива. Дали ке бидеме таму набрзо, сега зависи само и единствено од нас и одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето Собрание,“ рече Ковачевски.

Рама истакна дека мирот во регионот е кревок и затоа е важно зајакнувањето на стабилноста е стратешка цел на сите земји од регионот. Побара НАТО да ги зголеми силите на Косово но и да ја обезбедува границата со Србија.

  • „Затоа укажав и на неопходноста да се зголемат силите на НАТО во Косово и неопходноста да се гарантира безбедноста на границата меѓу Србија и Косово која е надвор од контрола и во служба на илегални активности, шверц на оружје и наркотици кои предизвикуваат големи пореметувања во овој дел од регионот“, рече Рама.

Рама имаше и предлог за почести средби, и со земјите кои не се членки на НАТО, а во тоа  поддршка доби од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

И црногорскиот премиер Милојко Спаиќ порача НАТО да остане посветен на одржувањето на мирот и стабилноста, а Црна Гора вели ќе игра конструктивна улога во одржувањето на таа цел и продлабочувањето на меѓународната соработка.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста