Сточарите се уште ги немаат доземено ланските субвенции, предупредуваат на млечна криза во земјава?!

Сточарите се уште ги немаат доземено ланските субвенции, предупредуваат на млечна криза во земјава?!

Македонските сточари, загрижени. Се’ уште не им се дописплатени субвенциите за лани по грло добиток и за предаденото млеко, а досега не е исполнето ниту ветувањето за авансно исплаќање на 30 проценти за годинава. Велат, домашното млеко им се откупува по 32 ден. од литар, што е малку, а за сметка на тоа во државава на ангро се увезувало далеку понеквалитетно млеко.

Не’ лажеа, значи тоа 30 посто авансно плаќање, а фактички ни ја борчат 2023, за по грло воопшто не платена. Значи, авансно плаќање ако се плаќаше, тие требаше 30% од 2024 да ни дадат, а не за 2023. Ни пуштија 30% за по грло по 1.200 денари и остануваат уште по 2.000 денари оти мислам дека 3.500 денари беше по грло до 2023 година, така што остануваат неисплатени тие средства, и за осум месеци за предаденото млеко“, – вели Тони Петковски, сточар од с. Велушина, битолско.  

Згора на ова, сточниот фонд во земјава продолжува загрижувачки да се десеткува, па според проценките на македонските сточари, опасноста од можна млечна криза станува се’ поизвесна. Со одмрзнувањето на цените, од мелкото и млечните производи дебело профитираат само откупувачите и маркетите, а додека за народот овие производи се’ повеќе стануваат тешко достапен луксуз, проценуваат сточарите. 

„Ни се заканува криза, затоа што сточари нема. Младите не седат тука. Јас немам видено некој млад сточар да рече – сега почнувам од нула, и да направи штала комплет, да стави 25 крави, опрема за молзење, механизација, земја. Таков на теренов кај нас, нема. Моментално сме ние на 55-годушна возраст што функционираме, ама сепак се уништува, секој ден мора по една штала да се објави за продажба, кој 20, кој 25 крави. Сега само трговците и маркетите си прават голема заработувачка, а ние првите производители сме на работ на егзистенција“, – објаснува Петковски.

На прагот од новата пролетна сеидба, Петковски реагира и за високите цени на репро-материјалите, за кои вели дека вака без пари тешко ќе можат да ги набават. А тоа пак, ќе го доведе во прашање и обезбедувањето на сточната храна за годинава. Исто така, според него, ништо подобра не е состојбата и со ситната стока. “Во нашиов реон од 25 села останати се само три булуци овци, или околу 500 глави. А не многу одамна тој број изнесуваше преку 5.000. За Велигден и јагнешкото ќе го гледаме само во фрижидерите, оти едно јагне од 25 кг. не ќе може да се купи под 10.000 денари“, предвидува Петковски.

                                                                                                  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста