Стејт Департмент: Корупцијата е проблем за водење бизнис во Македонија

Загрижувачки извештај за бизнис климата во Македонија објави американскиот Стејт Департмент, подвлекувајќи ги корупцијата и непотизмот како главни проблеми со кои се соочуваат инвестирорите во земјава. Во Извештајот се потенцираат повеќе аномалии како злоупотреба на скратени постапки, конфликт на интереси при јавните набавки, селективно правосудство, поткуп и корупција на јавните функционери.

„Корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија. Земјата има комплексна регулаторна средина, со чести регулаторни и законски измени, кои креираат непредвидлива средина за бизнис која води до корупција. Владата генерално го спроведува законот, но има бројни извештаи дека некои функционери и натаму се вклучени во коруптивни активности“, се вели во извештајот на Стејт Департментот.

Во Извештајот се спомнува и дека големите странски компании во Технолошките индустриски зони главно имаат добри односи со владините функционери, како и тоа дека Антикорупциската комисија има отворено повеќе истраги за корупција, меѓу кои и за високи финкционери.

„Во Македонија има закони наменети за спротивставување на митото, злоупотребата на службената положба и судирот на интереси, а владините службеници и нивните блиски роднини се законски обврзани да ги објават своите приходи и средства. Сепак, спроведувањето на законите за борба против корупцијата на моменти беше слабо и селективно насочено кон владините критичари и прекршителите на ниско ниво. Има веродостојни обвинувања за корупција во спроведувањето на законот, судството и многу други сектори“, стои во Извештајот.

„Многу бизниси кои работат во Македонија, вклучително и некои американски компании, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството, стои во Извештајот во кој се додава дека Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници.

Инаку, во делот за корупцијата Стејт Департментот се повикува на Транспаренси Интернешнл и притоа нагласува дека оваа организација ја рангираше Македонија на 111 место од вкупно 180 земји во Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година, што е пад од 5 места, поради недостаток на владини напори за борба против корупцијата и судирот на интереси во јавната администрација.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста