Заев за спас на Владата се здружи со Ахмети за локални избори- уверува дека коалицијата била сигурна

Коалицијата била сигурна и стабилна, порача премиерот Зоран Заев откако договори заеднички настап на локалните избори со ДУИ. Спасот на Владата доведе до промена на ставот на Заев, па тој сега реши да трча заедно со Али Ахмети во октомври. Ваквиот потег според познавачите може да биде проблематичен за БЕСА, која во многу општини ќе се бори со ДУИ. Од таму велат дека засега не се погодени од договорот на Заев и Ахмети. Но, тоа ќе остане така само доколку не им биде нанесена штета на локалните избори. Сепак, јасно е дека ќе има штета за БЕСА, ако се знае дека Интегративците ќе имаат предност пред нив, поради гласовите на СДСМ. Заев пак уверува дека парламентарното мнозинство било стабилно.

-Разбирачката помеѓу нас е огромна, шанса ќе добие секој нема да дозволиме било какво договарање билатерално во оваа голема коалиција да наштети на трета партија од коалицијата. Секој ќе добие шанса и затоа ние како најголем партнер во оваа коалиција, максимално сме посветени да го селектираме најголемиот квалитет за кандидати за градоначалници и советници во било која општина, изјави Заев.

Одлуката за заеднички настап и меѓусебна поддршка на локалните избори, дојде откако Заев, иако неофицијално беше уценет со пад на Владата. Премиерот прво најави дека на локалните избори во Тетово, социјалдемократите ќе одат со свој кандидат.

-Дел од анкетите ни покажуваат дека сме една од првите три партии на локално ниво. Секако локалните избори се избори на личност. Ако навистина се мотивира вистински кандидат или кандидатка, вредно е да размислиме. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати, изјави Заев.

Кога се коалиционите комбинаторики во прашање, постои можност и ВМРО-ДПМНЕ да оди на изборите заедно со Алијанса за Албанците и Алтернатива во одредени општини. Ова го потврди и пратеникот Антонио Милошоски.

Според Устав локалните избори треба да се одржат на 17-ти октомври, но сепак конечната одлука за тоа е во рацете на собранискиот спикер Талат Џафери, кој најави дека во август и официјално ќе ги распише изборите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста