Спасовски удира по синдикалната борба- СПМ обвинува за опструкции од старо- новиот шеф во МВР

Синдикатот на полицијата на Македонија обвинува за директен удар и опструкции од старо- новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Претседателот на Синдикатот, Орце Коцевски вели дека министерот директно удира по синдикалната борба на полицајците, со одлука донесена на први септември, вториот ден по враќањето на Спасовски во МВР. Тие од министерот добиле известување дека се раскинува договорот за внесување на синдикална членарина на членови на СПМ. Коцевски вели со ваквиот потег Спасовски ја прекршува Европската конвенција за човековите права, како и Уставот на Македонија. 

-Денес ќе зборуваме за обидот од ваша страна целосно да се згасне Синдикатот на Полицијата во Македонија, а за партнер да си го оставите само Македонскиот полициски синдикат, Синдикат што освен со вас знае да се шета кога се фалите дека сте реконструирале некој објект, друго и не ни знае да работи. Ама битно е тука до вас и не отстапува од тоа. Зошто и од кои причини ја укинувате членарината на СПМ? Дали ова значи вовед во еден тоталитарен режим на владеење?, прашува Коцевски.

Од Синдикатот обвинуваат и дека нивни членови се директно на удар од страна на Спасовски, со како што велат незаконски прераспределувања на работни места надвор од градовите каде што живеат. Еден од нив е и генералниот секретар на СПМ, Дејан Саздов.

-Тој исти началник ми се обрати со потсмев дека имал ново решение пред полноќ, за од вчерашниот ден, јас да се упатам на работно место во Танушевци, и покрај судската одлука, односно пресуда која ме враќа во одделението за безбедност на патниот сообраќај, каде што работев и работам во МВР 25 години, изјави Саздов.

Од СПМ денеска пред Владата го повикаа премиерот Заев, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, народниот правобранител и Државниот трудов инспекторат да преземат мерки за исправување на оваа како што велат неправда, извршена со цел згаснување на синдикалното движење во Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста