Собранието затрупано со амандмани, 6000 за изборниот законик

Изборниот законик закочен во Собрание. Со над 6000 амандамни, предлог законот за една изборна единица и отворени листи поднесен од страна на помалите политички партии донесе конфронтација во коалицијата СДСМ и ДУИ, но јавно социјал-демократите прстот го вперија кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека со 600 амандамни, наспроти 5000 те на ДУИ го блокирале изборниот законик.  Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека ова е смислено сценарио пред избори.

Не може нов изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден месец или два месеци пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел можат да бидат подобри или помалку добри од она што денеска го имаме како изборна пракса, истакна пратеникот Антонио Милошевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Интегративците пак децидни, овој предлог закон е преседан во Собранието.

Сметаме дека процесот на еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во оваа држава и сметаме дека тој момент, тие правила на игра за сите политички партии мора да се донесат консензуално согласно сите политички партии, вели Артан Груби од ДУИ.

Кој ја кочи работата? СДСМ упорна дека тоа е опозицијата, но им порачуваат на коалиционите партнери да повлечат амандманите.

Дури и нашиот коалиционен партнер да размисли да си го преиспита чекорот и да ги повлече амандманите до почетокот на комисиската расправа, односно до почетокот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. И да имаме во рамки на комисијата суштинска дебата, и сите ние без разлика, не само коалициони партнери, ги повикувам и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ воопшто како партија, да ги повлече амандманите и да се ставиме во функција на државата, во функција на демократијата , вели Костадин Костадинов од СДСМ.

Иако собранието е затрупано со амандамни, премиерот Зоран Заев верува дека на 12ти април ќе се оди со една изборна единица.

Тука ќе стане првата конфронтација, ние сме најавиле една Изборна единица, ќе се бориме до крај. Амандманската расправа можат да ја користат како деловничко право и секако тоа е нивно право. Но, ние ќе опстоиме, јас повикав во Парламентот да се преброиме, да видиме колку од претставниците на граѓаните изразени преку мандати се за промена на изборниот модел и секако тука ќе изгласа Парламентот, одговори Заев на новинарско прашање како ги коментира поднесените пет илјади амандмани за Изборниот законик од страна на ДУИ.

По несогласувањата за забелешките од Венецијанската комисија за законот за јазици, сега ДУИ и СДСМ во нови конфронтации. Дали и овој пат ќе ги испеглаат разликите или пак овие амандамни ќе бидат камен на сопнување пред избори?

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста