Скопско Грчец веќе четири дена е без струја, жителите лути на „ЕВН“

Скопското село Грчец веќе 4-ти ден нема струја. Се пожалија дека „ЕВН“ ги исклучиле од системот, а екипите на „ЕВН“ им рекле дека за сега не можат да им го решат проблемот. Зошто не им е објаснето-вака тврдат жителите. За проблемот во Грчец веќе наголемо се дебатира по социјалните мрежи. Има и сведоштва дека огромен дел од жителите на Грчец не плаќаат струја.

Жителите и сами признаваат дека меѓу нив има такви, ама пред камерата на Алфа, барем оние кои беа расположени да зборуваат велат не е фер да страда цело село за оние кои не плаќаат.

Локалното училиште во Грчец веќе трет ден е затворено и децата не одат на настава, се пожалија родителите. Жителите од Грчец се закануваат со протести ако не им се решел проблемот. Ќе блокираат и улици.

Од „ЕВН“ за Алфа потврдуваат дека Грчец е проблематично место. Велат има нелегални приклучувачи но и дека нивната екипа неколку пати е напаѓана од жителите секогаш кога се обидела да интервенира. Велат одат секаде каде што треба ама ако е безбедно за нив. Објаснуваат дека дури и кога се решава проблемот, пак има нови нелегални корисници кои ја уриваат дуистрибутивната мрежа.

– Во село Грчец приказната е стара веќе неколку години и се повторува секогаш кога ќе почнат да се намалуваат температурите. Дел од жителите не дозволуваат да се реконструира и модернизира дистрибутивната мрежа, нелегално се приклучуваат на делот од мрежата кој е реконструиран и при пониски температури и зголемена потрошувачка настануваат дефекти. Во неколку случаи тие и насилно се однесуваа и беа нападнати екипите на Електродистрибуција и беше оштетено теренско возило. Со полициска асистенција минатата зима се отстрануваа дефектите во ова населено место, вели за Алфа портпаролот на „ЕВН“ Атанас Ковачевски.

Овој пат дефектот бил од потежок карактер и ќе му требало повеќе време да се решава. Оттаму апелираат дека се отворени за соработка и решавање на проблемот за конечно да се стави во ред дистрибутивната мрежа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста